Со кредит од 55 милиони евра ќе се финансира изградба на регионални депонии, трансфер станици и затворање на нелегални депонии
Прв проект во секторот за цврст отпад во Северна Македонија со кој се воведува управување на цврстиот отпад според ЕУ стандарди
- Поттикнување на рециклирање на отпад и соодветно собирање
- Донаторска поддршка од Швајцарија, Шведска и Инвестициската програма за Западен Балкан
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржува Северна Македонија во модернизација и проширување на системот за управување со цврст отпад. Банката обезбедува 55 милиони евра државен заем со кој ќе се финансира изградба на две нови регионални депонии и рехабилитација на постоечка депонја, нови трансфер станици за цврст отпад со соодветна инфраструктура за собирање и транспорт и рециклирачки центар. Двете нелегални депонии ќе бидат затворени. Проектот ќе биде спроведен од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Со оваа инвестиција се предвидува воспоставување на три регионални интегрирани системи за управување со отпадот според стандардите на Европската Унија (ЕУ), во пет региони (Полог, Југо-запад, Пелагонија, Вардарски и Југо-исток), што ќе обезбеди собирање и транспорт на отпад за повеќе од еден милион граѓани. Како резултат на проектот, праксата на складирање цврст отпад во нелегални депонии ќе се искорени и ќе се воведе нов систем на работа, кој е безбеден за животната средина и е во согласност со стандардите на ЕУ.
Сузан Горансон, Директор на Инфраструктура во Европа, ЕБОР изјави: ,,Со задоволство ја поддржуваме модернизацијата на системот за управување со отпадот во Северна Македонија, со нашата прва инвестиција во овој сектор. Модернизацијата на системите за управување со отпадот и зголемувањето на стапката на рециклирање се клучни за намалување на загадувањето, создавање можности во циркуларната економија и приближување на земјата до еколошките стандарди на ЕУ.”
Фатмир Бесими, Министерот за финансии на Северна Македонија, изјави: ,,Оваа инвестиција е од клучна важност за зелена и одржлива иднина на Северна Македонија. Не само што значително ќе го намали загадувањето, како главен приоритет за нашите граѓани, туку и ќе послужи како водечки пример за поттикнување и развој на нови проекти во областа на циркуларната економија. Горди сме што заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, за прв пат донесуваме толку важна промена во управувањето со цврстиот отпад, во согласност со стандардите на ЕУ. Оваа инвестиција, поддржана од ЕБОР, како и грантовите на Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија и Инвестициската програма за Западен Балкан, обезбедува просперитетен регионален развој на нашата земја”.
Насер Нуредини, Министер за животна средина и просторно планирање, изјави: ,,Конечно, после 31 година независност, Северна Македонија сериозно инвестира во изградба на инфраструктура за управување со отпадот според европските стандарди. Тоа ја потврдува нашата посветеност, како Влада и министерство, за реализација на зелената агенда за земјата. Новиот пристап предвиден со регионалниот систем за управување со отпадот, ќе овозможи имплементација на поефикасно собирање, транспорт и отстранување на отпадот, како и изградба на две депонии во согласност со националните и легислативите на ЕУ за депонии. Инвестираме за доброто на нашите граѓани, но истовремено создаваме подобра, поздрава животна средина и услови за живот на идните генерации, благодарение на поддршката која ја добиваме од ЕБОР”, додаде Министерот.
Проектот, ќе биде поддржан и од донаторски средства во висина од 24 милиони евра инвестициски грантови и 13,1 милиони евра техничка помош, преку Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија (SECO), Шведската меѓународна агенција за соработка и развој (SIDA) и Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF).
Финансиската поддршка од Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија, од приближно 9 милиони евра, ќе биде распределена на инвестициска компонента во висина од околу 6 милиони евра за финализирање на рехабилитацијата на депонијата во Полог и приближно 3 милиони евра за понатамошен развој на институционалното управување на регионално и локално ниво во секторот. Финансиската помош од Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија, ќе биде искористена и од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, во делот на проширување на нивните надлежности во секторот на цврстиот отпад, вклучувајќи и подготовка на нова тарифна методологија.
Проектот, вклучува и компонента за инклузивни и социјално одговорни јавни набавки, финансирана од Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF), преку која ќе се обезбеди обука на припадници од Ромската заедница и жени, и ќе се даде пример, како големите инфраструктурни проекти во секторот на цврстиот отпад можат да придонесат кон инклузивност.
Покрај тоа, се очекува поддршката преку Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF) средства во висина од 22,3 милиони евра, како и 2 милиони евра за изработка на студии за развој во двата региона. Подготовката на проектот и претстојната имплементација се поддржани од Шведска меѓународна агенција за соработка и развој (SIDA), со финансиски средства од 1 милион евра.
Проектот е во согласност со Парискиот Договор, и со следење на одребите од истиот, значително ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови, со проценето намалување на емисиите од еквивалентн на околу 182.000 тони јаглероден диоксид годишно.
ЕБОР е една од водечките институции, инвеститори во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,5 милијарди евра во 171 проекти од различни сектори на економијата, со главен фокус врз развојот на приватниот сектор.