За унапредување на геодетската дејност и статусот на геодетските друштва неопходно е да се воспостави соработка со Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) и заеднички да креираме решенија за многу отворени прашања од областа на геодезијата кои ги доведуваат на раб на опстанок деловните субјекти од овој сектор, истакнува Комората на геодетски друштва за вршење на геодетски работи потенцирајќи дека последното барање за средба е испратено на 28.12.2022 и се уште не е добиен одговор.
„Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев во континуитет ја игнорира Комората, иако за многу горливи прашања потребно е веднаш да се изнајдат решенија, а минатиот месец јавно пред медиумите даде ветување дека средбата ќе се одржи кога ние ќе доставиме барање. Барањето се достави на 28.12.2022 година, но повторно молк. Дијалогот е неопходен бидејќи отворените прашања поврзани со зголемување на цената на услугите на Агенцијата за катастар, застарениот тарифник на геодетските друштва, нетранспарентниот начин на кој се носат нови законски решенија за геодетската дејност се само дел од темите за кои треба отворено и стручно да се дискутира врз база на факти и податоци за да се најдат одржливи и конструктивни решенија кои ќе бидат поволни за сите засегнати страни“, истакнува претседателот на Комората на геодетски друштва, Никола Рибароски кој бара во процесот да се вклучи и Владата која го назначува директорот на АКН.
Тој го поздравува тоа што по три години застој во изминатите недели е продолжен процесот за донесување на нов тарифник за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на геодетските друштва за геодетски работи, со тоа што Агенцијата за катастар номинира свои претставници во работна група која го подготвува новиот предлог-тарифник, но потребно е овој процес треба да добие динамика и да се дефинира рок за завршување на активноста.
Во процес на дијалог неопходно е изнаоѓање на брзо решение за надминување на законскиот проблем околу составот на Управниот одбор на Комората, откако Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), донесе решение според кое утврдува ризик од корупција со тоа што тројца од членовите на Управниот одбор на Комората согласно Закон за катастар на недвижности доаѓаат од редот на вработените во Агенцијата. ДКСК по извршена анализа констатира дека Комората на геодетски друштва е формирана заради застапување и усогласување на заедничките интереси на нејзините членови, геодетски друштва и трговците поединци, овластени геодети, поради што и со Kомората управуваат нејзините членови преку свои претставници, од што јасно и недвосмисленo произлегува дека во нејзините органи меѓу кои и Управниот одбор треба да бидат членови на Комората, а не претставници на Агенцијата за катастар на недвижности.
“Тоа што ДКСК го констатира во Решението како проблем всушност веќе е присутен во работата на Управниот одбор на Комората, бидејќи претставниците на Агенцијата наместо да ги застапуваат интересите на членовите на Комората, тие ги застапуваат интересите на Агенцијата со што директно се загрозува независност и самостојност на Комората предвидена со Законот за катастар на недвижности. По донесување на Решението овие членови веќе не присуствуваат на седниците на Управниот одбор, со што тој не може да работи во полн состав. Во дијалог со Агенцијата за катастар на недвижности и Министерството за правда што поскоро треба да се најде правно решение за постапување по решението на ДКСК и изнаоѓање решение со кое сите органи на Комората ќе може да работат со целосен капацитет“, истакнува Рибароски.
Комората на геодетски друштва како и до сега продолжува да биде конструктивен партнер на институциите, а исто така прави напори да обезбеди и целосна експертска поддршка за креирање на нови законски решенија од Советот на геодети на Европа, преку давање на мислење за истите и пренесување на најдобрите законски пракси од други европски земји.