Одредбите од новиот закон за заштита на потрошувачи се подобро конципирани за разлика од стариот, но сепак има и исклучоци кои оставаат простор за различни толкувања на правилата, пишува Мимоза Богатинова-Кузмановски за Республика.
Сите сакаат да купуваат на попуст. Некои заради исплатливоста, некои заради психолошкиот момент дека навистина купиле исплатливо.
Термините за намалување на цените на производите и услугите секојдневно се сретнуваат во рекламите кај речиси сите трговци. Но, дали намалувањето како што се пласира во јавноста навистина постои или тоа се сведува само на маркетинг стратегија?
Викендот на попусти Црн петок (Black Friday) во последната недела од ноември ги активираше на терен инпекторите кои констатираа прекршоци од страна на трговците на одредбите од Законот за заштита на потрошувачите.
Потрошувачите одамна се жалат за создавање лажна слика за попустите, кога е согледана и потребата од нов закон, со прецизни одредби за санкционирање на трговците кои ќе ги стават во заблуда потрошувачите за видот, процентот и траењето на попустите.
Дали можноста за манипулации со термините и реалното намалување на цените на производите и услугите се должи на нецелосната регулатива, недоволниот надзор на терен или двете.
Што пропишуваше досегашниот закон?
Во досегашниот Закон за заштита на потрошувачите, се спомнуваат зборовите „распродажба“ и „намалување“, односно означувања што упатуваат на распродажба или намалување на цените и начинот на кој треба да биде означена цената. Тоа оставаше простор трговецот да го нарече намалувањето како сака (распродажба, тотална ликвидација, акција…), со слободно одредени критериуми.
Посочување и јасно одвојување мораше да има само на производите кои се со грешка и на кои рокот на употреба им изминува.
Како претходна цена, цена на која се пресметува намалувањето се смета цената која трговецот ја применувал 30 дена пред отпочнувањето на распродажбата на производите. Целта на одредбата беше да ги заштити потрошувачите од лажен процент на попуст, односно покачување на цените ден пред објавување на попустот.
Како се формира цената на производот на мало?
Цената на еден производ на мало се формира врз основа на набавната вредност, (колку трговецот го купил тој производ), оперативните трошоци (кирија, плати…), маржа (процент на заработка) и ДДВ.
Производот може да поскапи само во случај кога некој од спомнатите елементи ќе се промени, односно неговиот износ ќе се зголеми.
Нашата регулатива не ги ограничува процентите на маржа, освен во специфични случаи.
Набавната цена на мало ја претставува цената на производот купен од трговецот на големо (производител или увозник) и зависните трошоци (трошоци за превоз, утовар истовар…).
Во посебни услови, како што е инфлацијата во која се наоѓаме, Владата може да пропише мерки за замрзнување на маржите на одредени производи со цел да се минимизира порастот на цените фиксирајќи ги заработките на трговците, во неможност да се влијае на висината на увозните и производствените цени, во услови на пораст на цените на горивата на светските берзи.
Од наведеното може да заклучиме, малку е веројатно дека еден производ или услуга (освен во услови на војна или хиперинфлација) може да поскапува секој втор ден, односно да му се менува цената толку често како што е случај во рекламните каталози и летоци на трговците. На пример, на денот на попустот неосновано да се прикажува повисока претходна продажна цена со цел да се прикаже поголем процент на попуст кој може реално и да не постои.
Што пропишува новиот закон?
Со новиот закон (кој стапи на сила на 15 ноември 2022 година) се воведени посебни облици на продажба по намалени цени. Но не само како термини, туку за овие облици конкретно е пропишано кога може да се применуваат и дека одреден облик мора да биде именуван како што е пропишано во законот.
Извор: freepik.com
Тоа значи дека нема да може да се користи, на пример, терминот распродажба ако не се исполнуваат условите од законот или обликот промоција кој се однесува само на нови стоки и услуги од асортиманот и може да трае само 8 дена, а не да се користи како реклама преку целата година за производ кој веќе долго се продава по истата цена кај истиот трговец.
Ново во законот е и тоа дека трговецот мора документите да му ги обезбеди на потрошувачот (декларација, гарантен лист, упатства…) напишани освен на македонски јазик и неговото кирилско писмо, и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на нашата држава и неговото писмо.
Како може да се именуваат и кога да се применуваат попустите?
Отсега трговците намалувањето на цените може да го именуваат на некој од следните начини: распродажба, акција, промоција, сезонско намалување, продажба на стоки со недостаток или грешка и стоки на кои рокот на употреба им изминува.
Распродажбата е дозволена само при престанување на работењето на трговецот, промена на локацијата, реконструкција на објектот или престанување со продажба на одредени стоки или услуги. Акциската продажба се однесува само на продажба на ограничен број артикли и може да трае до 30 дена, а промотивната продажба се однесува на нови стоки или услусги и може да трае до 8 дена.
Сезонско намалување се спроведува по завршувањето на соодветната сезона, и тоа: летно сезонско намалување во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година и зимско сезонско намалување во периодот помеѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година.
Продажба на стоки со недостаток или грешка или стоки со рок на употреба кој изминува како и досега е возможна, но стоките треба да бидат извдоени и обележани.
Пропишано е, а тоа беше случај и со стариот закон, како треба да биде означена цената, односно јасно да се знае која била цената, која е намалената цена и кој е процентот на попуст. Ваквото прецизирање на попустите ја намалува можноста за манипулации со називите и можноста за ставање во заблуда на потрошувачот.
Точните проценти за намалување не се пропишани, но остануваат одредбите за уредно сметководствено и трговско евидентирање на претходната цена (цена формирана 30 дена пред попустот) и намалената цена, а со тоа се намалува веројатноста за покачување на цените во последен момент со цел лажно прикажување поголем попуст.
Дали повторно постои можност за манипулација?
Во однос на политиката на попусти, одредбите од новиот закон се подобро конципирани за разлика од стариот, но сепак има и исклучоци.
Меѓу нив, тоа дека одредбите кои ги дефинираат посебните облици на ставање во промет не се однесуваат на случаите кога намалувањето трае помалку од три дена. Заради непрецизирање на оваа одредба оставен е простор за различни толкувања на правилата, но и евиденциски потешкотии за трговците.
Во новиот закон се става посебен акцент на нечесни, измамнички и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, а се очекува и Закон за нефер трговски практики. Целта на овие одредби е да се заштити потрошувачот од невистините информации за донесување на пазарна одлука која инаку не би ја донел. Потешкотија која тука би се јавила е можеби начинот на докажување на прекршокот.
Во новиот закон се пропишани парични казни и забрана за вршење дејност за непочитување на одредбите кои се однесуваат на попустите за разлика од стариот закон кој немаше концизни одредби за таков вид прекршок.
Казни се пропишани и за нечесните трговски практики како што е и ставање во заблуда на потрошувачот врз основа на пласирање невистинити информации за производот или услугата.
За момент да се вратиме на самиот почеток од текстот и масовната појава Црн петок. Ако имаме предвид дека една од темелните вредности на оваа глобална пазарна појава има социјален карактер, тогаш не би било претенциозно ако заклучиме дека освен постоењето прецизна законска регулатива и контрола, пазарните субјекти исто така би требало да имаат одредено ниво на свест и солидарност.
Да не ги забораваме глетките од високоразвиените западни земји каде оваа појава е толку масовна што дури и предизвикува инциденти. Кај нас Црниот петок веќе и не наидува на преголем одѕив од купувачите, бидејќи тие одамна се свесни дека најавените попусти се само добар маркетинг.