Министеро Бујар Османи го осуди синоќешниот напад врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и побара институциите да го расчистат случајот, а напаѓачите да одговараат.
„Јас од вчера се занимавам со ова прашање и сум во комуникација со сите институции. Утринава имав можност да имам телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Сакам оваа можност да ја искористам и остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои извршиле физички напад поради етнички, културен идентитет на кој било државјанин на РС Македонија. Колку што сум информиран, напаѓачите се веќе идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата“, рече Османи.
Тој најави и оти денеска ќе го посети нападнатиот, кој синоќа заврши во охридската болница и порача дека нема да се дозволи никој да биде нападнат поради погледи и мислења.
Често зборувам дека најголемиот квалитет на оваа држава кој макотрпно го изградивме е мултиетничката функционална демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитување на другиот, на вредностите на другиот. Нема да дозволиме на никој, дали поради политички интереси или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме во сите овие децении. Јас очекувам веднаш после оваа прес-конференција да го посетам нападнатиот бидејќи се работи за државјанин на РСМ и во оваа држава никој, ама баш никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења, ставови, чувства, идентитет. За тоа мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземаат мерки за никогаш да не се дозволи да се случи повторно“,рече Османи.