Специјалното јавно обвинителство денеска испратило барање до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за преземање во своја надлежност на случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски.
„Ова Јавно обвинителство денеска достави барање до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за доставување на предметот против лицето З.Б., кој неодамна беше екстрадиран од Република Србија во Република Македонија. Имено, се работи за предмет против обвинетиот З.Б. кој е дел од случајот „Шпион“ за кој веќе имаме воспоставено надлежност“, стои во соопштението од СЈО.
Божиновски во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти во Нови Сад врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција на 18 јули, по спроведената истражна постапка, против Божиновски поднесе обвинение во Основниот суд Скопје 1.
Божиновски се товари за злосторничко здружување, шпоинажа и за уцена. Тој во моментов се наоѓа на издржување на мерка притвор, што му ја одреди судот на барање на Обвинителството.