Ковачевски-Оцука: Унапредување на економската соработка со Јапонија

Сподели

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски се сретна со новиот амбасадор на Јапонија во нашата држава, Казуја Оцука.

 

 

На состанокот разговарано е и за можностите за презентација на економските потенцијали за инвестирање во Северна Македонија пред јапонски инвеститори.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото долгогодишно и искрено пријателство со Јапонија, што се манифестира со континуираната јапонска поддршка, во вкупен износ од над 430 милиони американски долари, со што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. 

На средбата е пренесена категорична поддршка од Јапонија за натамошниот напредок на РС Македонија во европските интеграции, како прашање од значење за развојот на нашата држава и од значење за стабилноста на регионот и на Европа. Поздравена е и јасната позиција на Република Северна Македонија во поддршката кон Украина, како одраз на почитување на демократијата, слободата и човековите права.

Изразена е подготвеност за споделување на јапонските искуства во поглед на унапредување на отпорноста и подготвеноста за земјотреси, што се покажува како актуелна тема со ситуацијата во Турција и Сирија.

Во разговорот е потенцирано дека годинава, на 26 јули, ќе биде одбележана 60-годишнина од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а на 4 септември се навршуваат и 110 години од раѓањето на истакнатиот јапонски архитект Кензо Танге, кој има значаен придонес во обновата на Скопје, како траен печат во модерниот развој на главниот град и во таа насока е изразен заеднички интерес за одбележување на двата јубилеја.