Путин упати нуклеарно предупредување до Западот

Сподели

 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска упати нуклеарно предупредување до Западот, со тоа што го суспендираше го билатералниот договор СТАРТ за контрола на нуклеарното вооружување, објавувајќи дека новите стратешки системи се ставени на борбена должност и предупредувајќи дека Москва може да продолжи со нуклеарните тестови, пренесе Би-би-си.

За време на говорот до нацијата, речиси една година од денот кога издаде наредба за инвазија на Украина што ја предизвика најголемата конфронтација со Западот од крајот на Студената војна, Путин рече дека Русија ќе ги постигне своите воени цели и го обвини Западот дека се обидува да ја уништи Русија.

„Елитите на Западот не ја кријат својата цел. Но, исто така, не можат да не сфатат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле“, рече Путин пред политичката и воената елита на неговата земја.

Путин рече дека Русија го суспендира учеството во новиот договор СТАРТ, кој е последниот голем договор за контрола на стратешкиот нуклеарен арсенал меѓу Москва и Вашингтон.

СТАРТ го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави што можат да ги распоредат двете најголеми нуклеарни сили во светот и треба да истече во 2026 година.

„Принуден сум денеска да објавам дека Русија го суспендира своето учество во Договорот за намалување на стратешкото оружје“, рече Путин.

Рускиот лидер, без да наведе докази, рече дека некои луѓе во Вашингтон размислуваат за продолжување на нуклеарните тестирања. Затоа, руското Министерство за одбрана и нуклеарната корпорација треба да бидат подготвени да тестираат руско нуклеарно оружје доколку е потребно, рече тој.

По изјавата на Путин, реагираше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека жали за одлуката на Русија и ја повика Москва да го преиспита решението. На заедничката прес-конференција со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеб и шефот на европската дипломатија Жосеп Борел, Столтенберг изјави дека „Русија е агресорот“.

„Претседателот Путин ја започна оваа империјалистичка, освојувачка војна. Денеска јасно стави до знаење дека се подготвува за уште војна. Путин не смее да победи. Тоа би било опасно за нашата безбедност и за целиот свет. Жалам поради одлуката на Русија да го прекине учеството во програмата Нов почеток“, рече Столтенберг.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан тврдењето на Путин го окарактеризира како „апсурдно“.

„Апсурдно е да се мисли дека Русија е изложена на некаква форма на воена закана од Украина или од кого било друг“, изјави Саливан за Франс-прес.

„Најавата на Русија дека го суспендира учеството во новиот СТАРТ е длабоко неумесна и неодговорна“, им рекол државниот секретар Антони Џ. Блинкен на новинарите што патувале со него во Атина. Тој рекол дека Соединетите Американски Држави се „подготвени да разговараат за ограничувањата на стратегиското оружје во секое време со Русија, без оглед на сѐ друго што се случува во светот или во нашите односи“, истакна советникот за националната безбедност на САД./Мета.мк