„Енергија Центар“ е називот на трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори чие формирање го изгласа вчера Советот во Општина Центар.
Станува збор за општинско претпријатие кое ја овозможува и олеснува процедурата и постапката за инсталирање на поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти, односно основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти под надлежност на општината.
Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Општина Центар ќе врши дејности врз основа на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека месеци наназад општината и тој како прв човек на општинската администрација остварил бројни средби со експертски тимови и стручни лица при што се водело сметка за сите детали пред да се стави точката на дневен ред.
„Баравме начин како да го формираме претпријатието, дали да биде Јавно претпријатие, дали да биде трговско друштво, колкава инвестиција бара, за колку време се враќа, кои се ризиците и бенефитите. Ние првично бевме со идеја да поставиме фотоволтаични централи само за сопствени потреби. Меѓутоа сите овие анализи, на сите овие состаноци, стручните тимови и експертите ни даваа насока да и покрај сопствените потреби и имањето големи вишоци истите да се продаваат. Идејата беше да покрај покривањето на трошоците за електрична енергија да се оствари и профит од тоа. Бидејќи самото трговско друштво нема средства при формирањето затоа издвоивме околу 3 милиони денари за да отпочнеме. Баравме начини и како да се скратат трошоците при стартувањето затоа со него ќе управува човек кој во првата година ќе го води процесот без никаков надоместок. Дополнително, дел од канцелариите во катната гаража ќе ги приспособиме за првично функционирање на претпријатието за да не се трошат пари за кирии преку најмување на канцелариски простории. Се разбира не можеме првата година да ставиме фотоволтаици на сите објекти но планот е да се отпочне и да почне да функционира понатаму претпријатието. Исто така од сите средби со експертските тимови, нивните анализи ни покажуваа дека за брзо време финансиските средства се враќаат “, рече Герасимовски на вчерашната седница.
Економските анализи за оправданоста за формирање на трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија на која се повикува градоначалникот Герасимовски е водена од Драган Миновски, професор на Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со негов тим на професори, магистранти и магистри од Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Факултетот за електротехника и информациски технологии „Св Кирил и Методиј“ во Скопје. За потребите на проектот се користел Софтвер за 3D симулација (PV*SOL premium) за проектирање на фотоволтаичните системи на јавните објекти и генерирање на податоци за часовно и годишно производство на електрична енергија од истите, месечна потрошувачка на електрична енергија на јавните објекти, стандардна распределба на потрошувачка на електрична енергија и алатка за финансиска исплатливост на проектите.
Според спроведената анализа, вкупната максимална инсталирана моќност на сите детски градинки, основни училишта во Општина Центар и ЈП ПОЦ е 2.44 мегавати, додека вкупната инвестиција за инсталирање на фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност е околу 1.755.000 евра.
Просечната исплатливост на проектите за поставување на фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност на сите анализирани јавни објекти во Општина Центар со 100% сопствено учество е 3.77 години, додека просечната исплатливост на проектите за поставување на фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност со 70% кредит и 30% сопствено учество е 4.34 години.
Важно е да се напомене дека трошоците на општината на годишно ниво би се намалиле од 1.765.000 евра на 644.000 евра или околу 63% земајќи го во предвид производството и продавањето на вишоците електрична енергија. Исто така со поставување на фотоволтаични системи се избегнуваат околу 1.500 тони јаглерод диоксид на годишно ниво.