Програма на КИНОТЕКА во март месец

Сподели

 

ФИЛМОВИ ШТО „ТЕЖАТ“ СТОТИЦИ НАГРАДИ НА МАРТОВСКАТА КИНОТЕЧНА ПРОГРАМА

1 МАРТ (СРЕДА), 17:00 ч., 3 МАРТ (ПЕТОК), 17:00 ч., 11 МАРТ (САБОТА), 17:00 ч., 18 МАРТ (САБОТА), 17:00 ч.,

НАЈДОБРИОТ РОДЕНДЕН ДОСЕГА (Best Birthday Ever)

Анимиран филм, Германија / Холандија / Шведска, 2021, 74 мин., колор, ДЦП

Режија: Микаел Екблад (Mikael Ekbladh). Сценарио: Ротројт Сузане Бернер, Аје Брикен (Rotraut Susanne Berner, Aje Brücken), Гласови: Џонатан Бејли, Џенифер Саундерс, Адриан Едмондсон (Jonathan Bailey, Jennifer Saunders, Adrian Edmondson)

Таканаречениот долгоочекуван роденден ќе биде сосема поинаков отколку што тој си го замислуваше. Помалата сестричка се разболува и никој нема време да го слави Кале, божиќна специфичност во Шведска.

Тој бега од дома во знак на револт кон неговата баба, која всушност живее мошне блиску. Едноставно, за да стигне таму, прво мора да помине низ шумата.

НАЈДОБРИОТ РОДЕНДЕН ДОСЕГА беше номиниран за награда на фестивалот Анима во Брисел и ја освои наградата на публиката на фестивалот за детски филмови во Провиденс.

Филмот е нахсинхронизиран на македонски јазик.

Возрасна категорија: за сите возрасти. Влезница: 150 денари

 

1 МАРТ (СРЕДА), 19:00 ч., 3 МАРТ (ПЕТОК), 19:00 ч., 4 МАРТ (САБОТА), 21:00 ч.

 

РИМИНИ

(Rimini)

Игран филм, Германија / Франција / Австрија, 2022, 114 мин., колор, ДЦП, Режија: Урлих Зајдл  (Ulrich Seidl). Сценарио: Урлих Зајдл, Вероника Франц  (Ulrich Seidl, Veronika Franz), Улоги: Михаел Томас, Теса Гетлихер, Ханс-Михаел Реберг (Michael Thomas, Tessa Göttlicher, Hans-Michael Rehberg)

Новата мрачна и комична драма, долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот режисер Улрих Сајдл, е портрет на маж што спие со жени за пари. РИМИНИ на суров начин го прикажува декадентниот и осамен живот на една заборавена ѕвезда на крајот од својата кариерата, во спектакуларна изведба на харизматичниот австриски актер Михаел Томас.

Ова е приказна за Ричи Браво, некогаш популарна австриска поп-ѕвезда, кој сега живее во италијанскиот град Римини и преживува од стара слава. Финансиите за својот промискуитетен живот и за зависноста од коцкање ги обезбедува така што одржува концерти во хотели, ја изнајмува сопствената куќа на туристи, а им нуди и сексуални услуги на остарените обожавателки.

Ричи не е баш рекламен лик на скап ескорт-маж за високата класа, но сепак има нешто чудно симпатично кај човекот кој не престанува да настапува. Неговиот свет почнува да се урива кога ќерката што не ја видел со години ќе го контактира со барање да ѝ ги даде сите пари што не ги платил за неа во текот на животот.

Родниот град на Федерико Фелини е совршено место за горко-слатката приказна на Сајдл за славата што бледнее и за семејните врски. Филмот имаше премиера во главната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, а триумфираше на фестивалите во Хихон (Шпанија) и Палиќ (Србија).

Возрасна категорија: 14 години. Влезница: 150 денари

 

1 МАРТ (СРЕДА), 21:00 ч., 11 МАРТ (САБОТА), 21:00 ч., 16 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч., 18 МАРТ (САБОТА), 21:00 ч.

 

КОРСЕТ, (Corsage)

Игран филм, Австрија / Германија / Луксембург / Франција, 2022, 112 мин., колор, ДЦП, Режија: Мари Кројцер (Marie Kreutzer), Сценарио: Мари Кројцер (Marie Kreutzer)

Улоги: Вики Крипс, Флоријан Тајхмајстер, Катарина Лоренц, Жан Вернер, Алма Хасун, Мануел Руби, Финеган Олдфилд (Vicky Krieps, Florian Teichtmeister, Katharina Lorenz, Jeanne Werner, Alma Hasun, Manuel Rubey, Finnegan Oldfield)

Храбрата и субверзивна костимирана драма на режисерката Мари Кројцер за Сиси, царицата Елизабета од Австрија.

Сиси е идол на многумина заради нејзината убавина и е инспирација за модните трендови. Таа е на турнеја низ Европа и се обидува буквално и фигуративно да се ослободи од стегите во животот на кралскиот двор. Сиси го слави својот 40-ти роденден и мора да се бори за да го одржи својот јавен имиџ, стегајќи го телото сè повеќе и повеќе со корсетот. Нејзината улога е стриктно протоколарна и спротивна на нејзините желби.

Нејзината жед за живот и за нови знаења ја прават да биде сè повеќе и повеќе вознемирена во Виена. Се чувствува осамено, здодевно и старо, му се спротивставува на сопругот, царот Франц Јозеф, и се обидува да се скрие од јавноста наместо да носи превез на лицето, да се подложува на напорни физички вежби и да се  опседнува со телесната тежина. Нејзината иднина се само церемонијални обврски, па Сиси се бунтува на ограничувањата на кралското семејство и на нереалната слика што светот ја има за неа.

Авторката Мари Кројцер се придржува до историските записи за Сиси и нејзиниот филм не величи херои. Кројцер го менува имиџот на „сентименталната Сиси“, како што е претставена во безброј екранизации, и портретира жена што е многу повеќе од жртва на својот позлатен живот. КОРСЕТ е студија за гневот, Сиси на Кројцер има маани, нарцисоидна е и многу модерна, и се прашува што ќе ѝ остане кога моќта поврзана со нејзината убавина ќе исчезне.

На Канскиот филмски фестивал во програмата „Извесен поглед“ Вики Крипс ја освои наградата за најдобра изведба, како и наградите за најдобра актерка на фестивалите во Сараево (БиХ), Сан Себастијан (Шпанија), Чикаго (САД), Европските филмски награди… КОРСЕТ триумфираше на фестивалот во Лондон, а освои номинации за награди на уште десетина филмски фестивали во светот.

Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 150 денари

 

2 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч., 4 МАРТ (САБОТА), 17:00 ч., 10 МАРТ (ПЕТОК), 17:00 ч., 25 МАРТ (САБОТА), 17:00 ч., 31 МАРТ (ПЕТОК), 17:00 ч.

ФАРАОНОТ, ДИВЈАКОТ И ПРИНЦЕЗАТА, (Le pharaon, le sauvage et la princesse / The Black Pharaoh, the Savage and the Princess), Анимиран филм, Белгија / Франција, 2022, 83 мин., колор, ДЦП, Режија: Мишел Осело (Michel Ocelot), Сценарио: Мишел Осело (Michel Ocelot)

Гласови: Серж Багдасаријан, Клер де ла Ру ди Кан, Оскар Лесаж, Ајша Мајга, Дидие Сандр (Serge Bagdassarian, Claire de la Rüe du Can, Oscar Lesage, Aïssa Maïga, Didier Sandre)

Три шарени и софистицирани анимирани приказни од Судан, од средновековна Франција и од Турција од 18 век. Нараторот во филмот ги исполнува желбите на публиката и им раскажува приказни какви што посакуваат гледачите.

Фимот на Мишел Осело беше номиниран за најдобра номинација на доделувањето на наградите „Лимиер“ во Париз, а филмот освои номинација за награда на Европскиот филмски фестивал во Севилја, Шпанија.

Филмот е нахсинхронизиран на македонски јазик.

Возрасна категорија: за сите возрасти. Влезница: 150 денари

 

2 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч., 4 МАРТ (САБОТА), 19:00 ч., 11 МАРТ (САБОТА), 19:00 ч., 17 МАРТ (ПЕТОК), 17:00 ч., 18 МАРТ (САБОТА), 19:00 ч.

 

ЛЕТОТО КОГА НАУЧИВ ДА ЛЕТАМ (Leto kada sam naučila da letim / How I Learned to Fly)

Игран филм, Србија / Хрватска / Бугарија / Словачка, 2022, 87 мин., колор, ДЦП, Режија: Радивое Раша Андриќ (Radivoje Andrić), Сценарио: Јасминка Петровиќ (Jasminka Petrović)

Улоги: Клара Хрвановиќ, Олга Одановиќ, Сњежана Синовчиќ, Жарко Лаушевиќ (Klara Hrvanović, Olga Odanović, Snježana Sinovčić, Žarko Laušević)

ЛЕТОТО КОГА НАУЧИВ ДА ЛЕТАМ е нежна приказна за созревањето и помирувањето. Дванаесетгодишната Софија (Клара Хрвановиќ) сонува за кампување со друштвото и за својот прв бакнеж. Сепак, приморана е летото да го помине во трошната семејна куќа на Хвар, со својата напорна баба Марија (Олга Одановиќ) и откачената баба-тетка Луце (Сњежана Синовчиќ).

Без своето друштво, надвор од телефонската мрежа и без Интернет, животот на Софија на Хвар е „пекол“, но монотонијата набргу ја прекинува необичното однесување на баба Марија. Софија насетува дека е во прашање тајна романса, но големата истрага за љубовниот живот на бабата доведува до откривање на една долго чувана семејна тајна.

Со нови пријателства, симпатии и авантури, Софија го добива своето летување од соништата, но и многу повеќе одошто можела да сонува.

Филмот на Андриќ победи на Меѓународниот филмски фестивал во Софија и на BUFF International Film Festival, а освои номинации за награди на уште неколку регионални и светски фестивали.

Возрасна категорија: 10 години, Влезница: 150 денари

2 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч., 3 МАРТ (ПЕТОК), 21:00 ч., 15 МАРТ (СРЕДА), 21:00 ч., 17 МАРТ (ПЕТОК), 21:00 ч., 31 МАРТ (ПЕТОК), 21:00 ч.

 

ВАВИЛОН, (Babylon)

Игран филм, САД, 2022, 189 мин., црно-бел/колор, ДЦП, Режија: Дамиен Шазел (Damien Chazelle), Сценарио: Дамиен Шазел (Damien Chazelle)

Улоги: Бред Пит, Маргот Роби, Џин Смарт, Диего Калва, Ли Џун Ли (Brad Pitt, Margot Robbie, Jean Smart, Diego Calva, Li Jun Li)

Веќе дефиниран како „Љубовно писмо до Холивуд“, новиот филм на Шазел – автор на постмодерната мелодрама ЛА-ЛА-ЛЕНД – е приказна за преголемата амбиција и големиот успех, која ги следи подемот и падот на неколку ликови низ ерата на нескротлив раскош и изопаченост во раниот Холивуд.

Дејствието на филмот е сместено во Лос Анџелес во 20-те години од минатиот век, во времето кога филмската индустрија е на пресвртната точка од нем кон звучен филм. Бред Пит го игра ликот на Џек Конрад, актер чија кариера е на замирање, и неговиот карактер е втемелен на холивудските легенди од првите децении на 20-тиот век, Џон Гилберт, Клерк Гебл и Даглас Фернбанкс.

Негов опозит е амбициозната актерка Нели ЛаРој (Маргот Роби), идна старлета која е на почетокот на кариерата која многу ветува. Ликот потребен да биде сочинет совршен триаголник е асистентот на режија Мени Торес (Диего Калва, новото актерско откритие на денешниот Холивуд), пред кого е иднината во оваа приказна за „блескавото лудило на златната ера на Холивуд.

ВАВИЛОН на Шазел до сега веќе освои над 140 номинации за награди, освои 31 признание, меѓу кои и три номинации за „Оскар“.

Возрасна категорија: 16 години, Влезница: 200 денари

 

6 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч., 7 МАРТ (ВТОРНИК), 19:00 Ч., 13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч., 

АЛКАРАЗ (Alcarràs)

Игран филм, Шпанија / Италија, 2022, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Карла Симон (Carla Simón)

Сценарио: Карла Симон, Арно Виларо (Carla Simón, Arnau Vilaró), Улоги: Жорди Пујол Долчет, Ана Отин, Берта Пипо, Хосеп Абад, Алберт Бош (Jordi Pujol Dolcet, Anna Otín, Berta Pipó, Josep Abad, Albert Bosch)

Приказната на АЛКАРАЗ говори за последиците од економската криза кое ќе го почуствува едно семејство во селото  Алкараз, во регионот Каталонија.

Откога паметат за себе, семејството Соле секое лето го минувале во селото Алкараз, на нивниот овоштарник со праски. Но, претчуствуваат дека ова лето ќе им биде последно од старата традиција: ќе го загубат овоштарникот со праски, а овошките ќе бидат искорнати за да се градат соларни панели на тоа земјиште. Членовите на семејството Соле за првпат се соочуваат со неизвесната иднина, ризикувајќи да изгубат многу повеќе од овоштарникот – традиционалните односи во семејството. Младите уживаат во сегашноста која им изгледа вечна, таткото тврдоглаво ја игнорира иднината, а дедото се потпира на некое одамна заборавено ветување на некој авторитет дека ќе го докаже сопствеништвото на куќата во овоштарникот…

Карла Симон со нејзиниот претходен филм ЛЕТО 1993, сторија за семејство кое има ХИВ-позитивно дете, беше шпански кандидат за Оскар.

АЛКАРАЗ  ја освои главната награда на Берлинале 2022, „Златна мечка“ и уште 15 други награди на светските фестивали, а освои педесетина номинации за награди. Учествуваше и на филмските фестивали во Истанбул, Мелбурн, ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола…

Возрасна категорија: 14 години, Влезница: 150 денари

 

 6 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 ч., 30 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч., 31 МАРТ (ПЕТОК), 19:00 ч., 

КАДЕ ПО ДОЖДОТ, (Where After the Rain)

Игран филм, Македонија, 1967, 91 мин., црно-бел, 35 мм, Режија: Владан Слијепчевиќ (Vladan Slijepcevic), Сценарио: Јован Ќирилов (Jovan Kjirilov)

Улоги: Али Ранер, Илија Џувалековски, Олга Спиридоновиќ, Станислава Пешиќ (Ali Raner, Ilija Dzuvalekovski, Olga Spiridonovic, Stanislava Pesic)

Лела е ќерка на родители чие учество во војната им овозможило успешни кариери. Таа ги има сите предуслови за лесна и богата егзистенција. Можеби затоа младата девојка се спротивставува на малограѓанското разбирање на животот.

Момчето за кое треба да се мажи, во почетокот така инспиративно во своите постапки и размислувања, сега значи уште едно разочарување повеќе. Некогаш туѓ, конформизмот и за него станува единствен начин на живот. Поради тоа, при една случајна средба, Лела му се подава на едно сосема непознато момче.

Не можејќи до крај да се спротивстави на наметнатите норми на средината во која се наоѓа, таа го прифаќа и го прави она што другите го очекуваат и го бараат од неа. Филмот завршува со текстот: „Постои време за плач и време за смеа… време кога се стекнува и време кога се губи“, од Книгата на Пророкот, глава 3.

КАДЕ ПО ДОЖДОТ во 1967 Меѓународниот филмски фестивал во Авелино ја доби наградата „Лацено д’Оро“.

Возрасна категорија: 12 години, Влезница: 100 денари

 

6 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч., 7 МАРТ (ВТОРНИК), 21:00 ч., 16 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч.

 

СЕЧИ! (Coupez! / Final Cut)

Игран филм, Франција / Јапонија / САД / В. Британија, 2023, 112 мин., колор, ДЦП, Режија: Мишел Азанависиус (Michel Hazanavicius)

Сценарио: Мишел Азанависиус, Шиничиро Уеда, Рајоичи Вада (Michel Hazanavicius,  Shin’ichirô Ueda, Ryoichi Wada)

Улоги: Ромен Дури, Беренис Бежо, Грегори Гадебоа, Финеган Олдфилд (Romain Duris, Bérénice Bejo, Grégory Gadebois, Finnegan Oldfield)

Работите во оваа хорор-комедија тргнуваат наопаку кога мала филмска екипа снима нискобуџетен зомби филм и истите се нападнати од вистински зомбија. Филмот е адаптација на култната јапонска зомби комедијата „One Cut of The Dead“ од Шиничиро Уеда…

СЕЧИ! е новиот филм на Азанависиус, кој со АРТИСТОТ не само што победи на доделувањето на „Оскарите“ и наградите  БАФТА во 2012 година, туку постави и нови стандарди со неговото видување на стариот црно-бел формат како посвета на ерата на немиот филм во Холивуд. Со него освои повеќе од 50 награди на светските филмски фестивали.

СЕЧИ! беше номиниран за две награди на француската кинематографија  „Цезар“.

Возрасна категорија: 12 години, Влезница: 100 денари

 

7 МАРТ (ВТОРНИК), 17:00 ч., 27 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 ч.

БЕЛАСИЦА (Belles), Документарен филм, Македонија, 2022, 40 мин., колор, ХД. Режија: Марија Апчевска (Marija Apcevska), Сценарио: Марија Апчевска (Marija Apcevska)

Марица е родена во Специјалниот завод во Демир Капија, од родители кои се запознале и живееле таму. Во Демир Капија живеела 28 години, а мајка ѝ до ден денес живее во заводот.

Марица ја напушти оваа институција во 2008 година, како една од првите жителки што беа деинституционализирани. Сега живее во Волково, заедно со уште 43 лица со различни попречености, сместени во 5 куќи со 9 станбени единици, со кои управува организацијата Порака Неготино. Низ годините живеење во заедница, таа научи да чита и да пишува, и сега работи како негувателка на лица со интелектуална попреченост. Во 2018 година, во Северна Македонија беше усвоена Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“. Во 2022 година нема повеќе деца во институциите, а процесот на преселување на преостанатите возрасни лица е во тек.

Филмот БЕЛАСИЦА го доловува богатството на секојдневието во заедница, за луѓето кои најголемиот дел од својот живот го поминале во институции. Ја открива моќта на заедницата да обезбеди сите да имаат еднакво право на едноставните работи кои нудат можност за среќа – куќа, дрво и планина.

Филмот е продукција на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ кој го реализира Ептиса во соработка со КАРЕ, со финансиска поддршка од ЕУ.

Возрасна категорија: 12 години, Влезница: 100 денари

 

8 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч., 9 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч., 10 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ВЕЧЕРИ НА ЖЕНСКИ ПРАВА

13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 ч.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ (Luckiest Man in the World)

Игран филм, С. Македонија / Хрватска / Црна Гора, 2022, 100 мин., колор, ДЦП. Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragic)

Улоги: Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска (Jelena Kordic Kuret, Adnan Omerovic, Labina Mitevska)

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ е филм кој, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризирано со снајперски истрели со огромен број невини жртви.

Сценариото за овој филм Татарагиќ го пишувала според интимен вистински настан и говори за Асја, четириесетгодишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Зоран на почетокот од војната е мобилизиран од српската војска и му е тутната пушка в рака. Пукал во една девојка која била во нејзиниот стан и десетици години подоцна сака да дознае дали неговата грижа на совест е токму Асја…

Во останатите улоги настапуваат Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари, Зорица Нушев, Ксенија Маринковиќ,Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ.

И овој пат на филмот на Митевска работеше претежно женска екипа. Покрај косценаристката Татарагиќ, директорка на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, костимите се на Моника Лорбер од Словенија, шминката на Мојца Горогранц Петрушевска, а директор на филм е Елена Станишева.

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ беше во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале 2022, учествуваше на фестивалот во Торонто (Канада) и беше македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

Возрасна категорија: 12 години. Влезница: 100 денари

 

13 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч., 14 МАРТ (ВТОРНИК), 21:00 ч.

 

ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА, (Doraibu mai kâ / Drive My Car)

Игран филм, Јапонија, 2021, 180 мин., колор, ДЦП, Режија: Ријусуке Хамагучи (Ryusuke Hamaguchi), Сценарио: Ријусуке Хамагучи, Такамаса Ое (Ryusuke Hamaguchi, Takamasa Oe)

Улоги: Хидетоши Нишиџима, Токо Мијура, Реика Киришима, Парк Ју-рим, Џин Дае-јеон, Сониа Јуан (Hidetoshi Nishijima, Tōko Miura, Reika Kirishima, Park Yu-rim, Jin Dae-yeon, Sonia Yuan)

Сторијата на филмот ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА е работена според кратката приказна на Харуки Мураками. Хамагучи снимил трогателен патувачки филм за љубовта, за загубата, за прифаќањето и за мирот.

Две години по неочекуваната смрт на сопругата, познат театарски актер и режисер добива понуда да ја постави претставата „Вујко Вања“ од А.П. Чехов на театарски фестивал во Хирошима. По пристигнувањето, театарската компанија му доделува возач бидејќи му е забрането да вози додека му трае договорот. Возачот е жена и деновите со напнати проби се балансираат со долгите возења во автомобилит со Мисаки, со која бргу се зближува. Мистериозната и нерасположена Мисаки има свои мрачни тајни, и додека го вози низ градот заедно се соочуваат со болните вистини од минатото и наоѓаат нови начини да одат напред.

ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА е трогателна медитација за убавината на човечката поврзаност и за трансформативната моќ на патувањето. Филмот е суптилен наратив со максимален ефект, а драмата на Чехов потсвесно одекнува како поттекст во заднината.

Филомот е добитник е на наградата за најдобро сценарио и на наградата ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.

Возрасна категорија: 14 години. Влезница: 150 денари

 

16 МАРТ  (СРЕДА), 15:00 ч., 30 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч.,ЛАРС И БАРОНОТ

(Tjuvjägaren / Lars and the Baron)Иг ран филм, Шведска, 2016, 97 мин, колор, ДЦП, Режија: Џон Торнблад (John Thornblad), Сценарио: Џон Торнблад, Рикард Шмит (John Thornblad, Ricard Schmidt)

Улоги: Никлас Фалк, Илва Лоф, Ленарт Хјулстрем (Niklas Falk, Ylva Lööf, Lennart Hjulström)

Шведска на крајот на 19 век. Ларс Ериксон и неговата сопруга мора да се преселат од градот во пештера која е лоцирана во шума, во сопственост на локален барон. За да ги преживее лошите услови, во сиромаштија, Ларс започнува со ловокрадство.

Тоа не му се допаѓа на баронот, па му наредува да престане. Ларс, кој не е тип на човек кој сака да прима наредби, си продолжува по свое и го исмева баронот. Конфликтот меѓу двајцата мажи ескалира сè додека грофицата, која наследила богатство, не ги покани двајцата на нејзината годишна забава на лов. Ларс и баронот, поради мудриот надзор на грофицата, ќе мора да бидат љубезни еден со друг барем на еден ден.

Возрасна категорија: 12 години. Влезница: 100 денари

 

16 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч., МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА, (Puss in Boots: The Last Wish), Анимиран филм, САД / Јапонија

2022, 102 мин., колор, ДЦП, Режија: Џоел Крафорд, Џенуел Меркадо (Joel Crawford, Januel Mercado). Сценарио: Пол Фишер, Томи Свердлоу, Том Вилер (Paul Fisher, Tommy Swerdlow, Tom Wheeler). Гласови: Антонио Бандерас, Харви Гијен, Салма Хајек (Antonio Banderas, Harvey Guillén, Salma Hayek)

Новото видување на приказната за Мачорот во чизми е во продукција на анимациското на студио „Дримворкс“ (DreamWorks) и пристигнува од филмскиот универзум на познатиот анимиран карактер Шрек.

Мачорот е одважен уметник, но страста кон адреналинот што го лачат опасните ситуации ќе му ја испорача сметката. Мачорот во чизми открива дека неговата желба за авантура има последици – потрошил 8 од неговите 9 животи. Мачорот оди на патување да ја најде митската последна желба и да си ги врати своите 9 животи назад.

Бандерас го позајмува гласот на Мачорот во неговиот епски поход во Црната шума, каде што треба да ја најде Ѕвездата на желбите и да си ги поврати изгубените 8 животи. Но, бидејќи во моментот има само еден преостанат живот, Мачорот ќе мора да се понижи и да побара помош од неговата бивша партнерка, а сегашна непријателка Кити (со гласот на Селма Хајек).

Сепак, тие ќе се здружат и, наспроти сомневањата, ќе ја добијат и помошта на Перо, зборлестиот и весел пес-скитник. Новоформираната дружина мора да биде еден чекор пред Златокосата, семејството Трите мечки, „Големиот“ Џек Хорнер и страшниот ловец на „уценети глави“ Големиот зол волк…

МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ освои четириесетина номинации за награди на филмските фестивали ширум светот, меѓу кои и за наградата БАФТА.

Мачорот во чизми како анимиран лик за прв пат се појави во ШРЕК 2 во 2004, кој беше номиниран за „Оскар“. Мачорот во чизми гостуваше уште во две продолженија на ШРЕК, како и во неколку анимирани филмови во продукција на „Дримворкс“. Серијалот на Шрек и Мачорот во чизми досега заработи повеќе од 3,5 милијарди долари ширум светките киносали.

Возрасна категорија: 8 години. Влезница: 150 денари

 

17 МАРТ (ПЕТОК), 19:00 ч.

СЕМИ, ЏО И ЈАС, (Sami, Joe und ich / Sami, Joe and I)

Игран филм, Швајцарија, 2020, 94 мин., колор, ДЦП, Режија: Карин Хеберлајн (Karin Heberlein), Сценарио: Карин Хеберлајн (Karin Heberlein), Улоги: Астрит Алихајдарај, Оскар Бингисер, Карим Даоу (Astrit Alihajdaraj, Oscar Bingisser, Karim Daou)

Семи, Џо и Лејла се подготвени за возбудливо епско лето по завршување на училиштето. Подготвени се да излезат во светот и да го зграпчат нивното парче живот.

Но, она што следува е тотално поразлично од нивните дотогашни очекувања и многу посериозно од нивните предвидувања. Тие се подготвени да застанат и да се борат за своето „јас“ и пропратно сфаќаат колку била во право мајката на Лејла кога им рекла: „Секогаш чувајте многу повеќе соништа во душата, одколку што реалноста има способност да ги уништи“.

Филмот на Хеберлајн освои неколку награди на филмскте фестивали посветени на детската публика.

Возрасна категорија: 12 години. Влезница: 100 денари

 

23 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч., 24 МАРТ (ПЕТОК), 18:00 ч.

МИМИ, (Mimi), Игран филм, С. Македонија / Хрватска / Црна Гора

2002, 100 мин., колор, ДЦП, Режијa: Даријан Пејовски (Darijan Pejovski)

Сценарио: Даријан Пејовски (Darijan Pejovski), Улоги: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Владимир Петровиќ (Natalija Teodosieva, Tamara Ristoska, Oliver Mitkovski, Petar Mirchevski, Sashko Kocev, Vladimir Petrovikj)

МИМИ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Работи во трафиката кај својот вујко и повремено ќе се заинтересира за некој од муштериите.

Се запознава со екстровертната  Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во многу повеќе од искрено дружење без обврски. Минатото, болно и таинствено, заради кое побегнала во метрополата, пополека ѝ се враќа на Мими, ја мачи и опседнува.

Оваа копродукција е втор игран филм на режисерот Пејовски, а својата премиера ја имаше на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје, а досега е прикажуван на филмските фестивали во Пула, Братислава и Херцег Нови.

Возрасна категорија: 16 години. Влезница: 100 денари

 

23 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч., 24 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 Ч., 25 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч., 27 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.,28 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ВЕЧЕРИ НА ФРАНЦУСКИ ФИЛМОВИ

 

28 МАРТ (ВТОРНИК), 17:00 ч.,29 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.,

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА (Snow White Dies at the End)

Игран филм, Македонија / Кипар, 2022, 106 мин., колор, ДЦП, Режија и сценарио: Кристијан Ристески (Kristijan Risteski)

Улоги: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев (Natasa Petrovikj, Verica Nedeska, Sashko Kocev, Deniz Abdula, Ivica Dimitrijevikj, Tino Kostadinovski, David Janakiev)

Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен наркоман. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако Боби и Маја не би требало да имаат можност да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА е дебитантски игран филм на Кристијан Ристески, а со неговата премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Возрасна категорија: 12 години. Влезница: 100 денари

 

 29 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч. ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

 

30 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч. МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА, (R.M.N.)

Игран филм, Романија / Белгија / Франција / Шведска, 2022, 125 мин., колор, ДЦП, Режија: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu), Сценарио: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu), Улоги: Марин Григоре, Јудит Стате, Макрина Барладеану (Marin Grigore, Judith State, Macrina Barladeanu)

Неколку дана пред Божиќ Матијас ја напушта работата во Германија и се враќа во мултиетничкото трансилванско село. Сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од неговите нејасни стравови.

Матијас е окупиран и со својот стар татко, како и желбата да ја види својата поранешна љубовница, Сила. Кога во малата фабрика, која ја води Сила, ќе се вработат неколку нови работници, мирот во заедницата полека се нарушува. Уплашеноста ги обзема жителите, а фрустрацијата и страстите ја нарушуваат дотогашната состојба на привидното разбирање и смиреноста.

Мунџиу со неговиот најнов филм победи на фестивалот во Палиќ, Србија, и беше во конкуренција на уште неколку фестивали, меѓу кои и Кан и Чикаго. Тој со неговиот прв успех во 2007 година, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ТРИ НЕДЕЛИ И 2 ДЕНА (4 luni, 3 saptamâni si 2 zile) освои педесетина награди и беше предводник на романскиот нов филмски бран што направи фасцинантен пробив во светската кинематографија.

Возрасна категорија: 12 години. Влезница: 100 денари