Уставниот суд на денешната седница го укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери.
Содржината на овој член е дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.
Овој член според судот нема уставна оправданост. Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција.
Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука, одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот 8, информираат од Уставен суд.
Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга.
Оспорени беа 7 члена од Законот, од 19-25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.
Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник.