Герасимовски: Силна поддршка од Агелер за политиките за пензионерите, младите и лицата со попреченост

Сподели

 

Новоформираното претпријатие „Енергија Центар“, транспарентноста и социјалните проекти во општината, акциите за чистење како и текот на изградбата на новата градинка „Пролет“, беа темите за кои градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски разговараше со амбасадорката на Соединетите Американски држави Ангела Агелер на денешната средба во општината.

 

 

„Општина Центар е прва општина која формира претпријатие за производство и продажба на струја. Преку „Енергија Центар“ општината има олеснителна процедурата и постапка за инсталирање на поголеми фотонапонски системи на јавните објекти, односно основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти под надлежност на општината. Претпријатието има максимална инсталирана моќност од 2.44 мегавати, додека вкупната инвестиција за инсталирање на фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност е околу 1.755.000 евра. Тоа е инвестиција кога се враќа за 4 до 5 години. Сепак ние како локална самоуправа, не можеме одеднаш да го исполниме овој капацитет затоа најпрво фотонапонски централи ќе поставиме во ООУ „Киро Глигоров“, а потоа во крововите на другите училишта и градинки. Преку оваа инвестиција општината ќе заштеди околу 644. 000 евра или 63% на годишно ниво. Во секој случај, станува збор за долгорочна инвестиција, не само за нас туку и за идните генерации“, рече Герасимовски пред Агелер.

Герасимовски исто така зборуваше и за големите акции за чистење, одржувањето на јавната хигиена и заштитата на животната средина, како и високата транспарентност во општината која се должи на отвореноста и директната комуникација со граѓаните.

 

 

Амбасадорката Агелер покажа особен интерес за проектите особено на политиките кои општината ги има за намалување на загадувањето и зачувувањето на животната средина. На покана на градоначалникот Герасимовски американската амбасадорка како жител кој живее и работи во Општина Центар ќе биде дел и лично ќе се вклучи во пролетните акции за чистење.

Агелер исто така се запозна и со социјалните проекти во општината кои ги опфаќаат пензионерите, учениците и децата од градинките кои доаѓаат од социјално ранливите семејства. Низата проекти од обезбедување на лични асистенти за учениците и за време на летниот распуст, грижата во домовите на пензионерите, проектот кој треба да започне и е наменет за обезбедување на нега на лицата со Алцхајмерова болест како и месечните хуманитарни пакети. Силна поддршка од  амбасадорката Агелер Герасимовски доби за проектите за пензионерите, младите жители на општината и лицата со попреченост.

 

 

Герасимовски од Агелер доби пофални зборови и за новата градинка „Пролет“ особено во вклучувањето на инклузивноста ви образованието и современите и модерните стандарди за престој на дечињата. 

На крај на средбата Герасимовски и Агелер го посетија и младинскиот центар „Матично“ каде во тек е изложба од студентите од петти семестар на тема „Зграда на општинската администрација“. Притоа Герасимовски ја запозна за капиталниот проект за изградба на нова општинска зграда која наместо на цела парцела би била на два ката со подземен паркинг на две нивоа за нови 300 паркинг места.