Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, со полиција од затворот во Шуто Оризари во Скопје, беше спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје каде седна на обвинителна клупа за повеќе кривични дела.
Обвинителката Зорица Павловиќ бараше јавноста да биде исклучена од судењето.
“Предлагам судот да ја исклучи јавноста од причини што се работи за кривични дека протов моралот, а исклучувањето на јавната е потребно за да се заштитат приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи се очекувА да се изнесуваат лични интимни односи односно детали од животот на семејствата на оштетените и затоа сметаме дека е потребна заштита на оштетените кои се во поголем број и кои досега биле подложни на говор на омраза преку интернет порталот”, рече обвинителката Зорица Павловиќ.
Судијката Марија Клетничка-Марковска го прифати барањето и ја исклучи јавноста, па во судница останаа само странките, оштетените и стручните набљудувачи од Коалицијата „Сите за правично судење“ и ОБСЕ.
Предметот за Стаменковски беше отворен по кривични пријави кои ги поднеле лица кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал преку кои се ширела омраза, ксенофибички и расистички материјал, како и лице кое било уценувано да му даде пари или ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.
Исто така, опфатена е и пријава од една телевизија бидејќи објавувал содржини за кои медиумот имал ексклузивни права.
Обвинението за кое денеска почнува судскиот процес опфаќа неколку кривични дела и тоа: две за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци./360 степени.мк