ЗА ВИСТИНАТА – АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Сподели

        svesta&sovesta3

    Само вистината е убава.  –  Рене Декарт

Има ли на овој свет искреност? Постои ли ВИСТИНАТА?

Ваквите прашања нужно треба да бидат поставени, оти како што одамна констатирал умниот Блез Паскал, постојат разни степени на омраза кон вистината. Денес пак, многу нешта покажуваат дека живееме во свет заболен од „синдромот Минхаузен“, во свет во кој вистината е „одвишна“, па дури и дека е штетна за оној што ја сака и кажува. Можеме да заклучиме дека настапи време во кое секој е претворен во навијач за онаа „вистина“ која лично му одговара или му се допаѓа. Сѐ посигурно е дека сме сведоци на изградбата не еден свет во кој да се бега од вистината е мудро, а да се инсистира на неа е чиста загуба. Таквиот свет кој се гради врз негативна чувствителност кон вистината, масовно продуцира лаги и лицемерство. Сите сме сведоци дека оние што гледаат недостатоци и лошо однесување, заради неподготвеноста на мнозинството да ја чуе вистината за себе, прибегнуваат кон заобиколување и омекнување при изнесување на своето мислење со цел никого да не навредат, повредат, налутат… Оттаму, на сите ни е јасно: да се каже вистината може да е корисно по оној за кого таа се однесува, ама е лошо, проблематично, непрофитно за оној кој ја кажува, оти тој навлекува омраза врз себе. Од оваа причина најчесто за некого се зборува едно кога е присутен, а друго кога не е. И затоа во зборувањето претежно постојат пофалби, извинувања, изрази на почитување… Всушност, сѐ повеќе и повеќе сите едни со други се лажат и едни на други лицемерно си ласкаат. А, познато е оти една лага неминовно води кон друга лага, односно кон други лаги и дека така мултиплицирани, лагите стануваат толку страшни што соочувањето со вистините на крајот е неможно. И токму заради ваквата ситуација, за да оневозможиме да ни се повторуваат грдите и лоши работи, сите мора да најдеме сили и да почнеме секогаш, секаде и за сѐ – да ја кажуваме вистината и само вистината!

Досега за вистината и лагата, за искреноста и неискреноста е пишувано безброј пати и безброј пати ќе се пишува во иднина, но сосема сум сигурен дека темата ќе остане незатворена! Оттаму, овој текст нема намера да ги опфати сите аспекти на феномените на вистината и лагата и нема претензии да ја затвори темата. Овој текст сфатете го само како едно мислење кое може, но не мора да биде, делумно или целосно, точно!

Но, што е вистината? Ја има ли воопшто?

Една од најзастапените дефиниции на вистината е онаа дека таа е содржина на нашите знаења што соодветствува на реалните својства и односи на предметите и појавите, односно содржина што не зависи од желбите, предрасудите и предзнаењата на поединецот. Или со други зборови – вистината е релација на адекватност на исказот и предметот за кој тој се искажува. Може и да се каже дека вистината значи – откриеност на нешто и поседување на јасна свест за тоа!

Граѓанска војна во Грција

Постојат мислења, со кои јас се согласувам, дека вистината на ниеден начин не може да се елеминира од човековото мислење и дејствување. Мухиќ пишува дека кај Платон постоењето на вистината е обезбедено на еден радикален „коперникански“ начин: ако вистината може да постои само доколку не постои светот, нека исчезне светот. Фридрих Ниче во својата Книга за филозофот тоа го искажал со зборовите: Вербата во вистината му е нужна на човекот и вистинољубивоста е фундамент на сите договори и е претпоставка за постоењето на човечкиот род…

Ако вистината постои, а сигурно е дека постои, тогаш мора да сфатиме дека таа е бесконечна, дека ја бараме и откриваме постепено. Да сфатиме дека вистината не е релативна и произволна категорија, туку е повеќестрана, повеќеслојна, сложена! И да сфатиме дека како таква таа може да се набљудува од разни страни и различно да се восприема, но дека сепак е една и единствена! Во секој случај, целта на спознавањето на вистината не е извесноста на „апсолутната вистина“, покрај која човек може да се чувствува сигурен, туку спознавањето на вистината е процес на самопотврдување на човечкиот ум. Креативност низ која човекот егизистира како човек! Во оваа смисла, спознавањето на вистината започнува со свеста за неверодостојноста на нашите здраворазумски запазувања, со свеста дека нашата слика за физичката стварност не одговара на она што е „стварно стварно“ и со свеста дека поголем дел од она што се смета за вистинито и саморазбирливо е произведено со сугестивно влијание на општеството во кое се живее. Спознавањето, всушност, започнува со сфаќањето дека има вистински и измислени вистини и со отстранување на илузиите и предубедувањата. Спознавањето значи „да се види“ стварноста во нејзината голотија. Спознавањето не значи да се стане „владетел на вистината“, туку пробивање на површината и критичко и активно настојување за што поголемо приближување на вистината.Вистинската наслада не е во тоа да ја најдеш вистината, туку да ја бараш, кажано со зборовите на големиот руски писател Толстој.

Всушност треба да се знае дека и поимот вистина, како и сите останати поими, не може да се определи поединечно, туку поврзаноста со целината му ја дава неговата потполност. И мислам дека тука ја прават најголемата грешка скептиците, позитивистите, прагматичарите…, оти поимот вистина го апстрахираат и како таков го анализираат, критикуваат и отфрлаат. И тука да нагласам дека фактот не е исто што и вистината. Многумина се повикуваат на онаа синтагма: Пред фактите и боговите молчат, но тоа е само флоскула што ништо не значи и ништо конкретно не кажува. Тој може да е само неопходниот „материјал“ од кој преку анализа и синтеза треба да се направи, да се извлече, да се стигне до правата вистина.

Свет на лагата!

Има ли на овој свет искреност? Постои ли ВИСТИНАТА?

Како што реков на почетокот, сѐ поизвесно е дека живееме во општеството кое има патолошка потреба од лага. Сите прашања и проблеми со кои се соочува светот се покриени со превез на лагата… Всушност, сѐ, сиот живот е проткаен со лажни образложенија… На пример, првата грандиозна лага е дека живееме во демократско општество. Тоа би значело дека постои власт на народот, а сите сме сведоци дека постои само власт на оние кои раководат со големите партии и власт на оние кои го поседуваат капиталот. Натаму, во систем кој има вграден робовладетелски однос кон луѓето, да се зборува за слобода, права и правда е лага и демагогија. Едноставно кажано овој денешен свет – не е слободен свет, ниту институциите на системот покажуваат волја и спремност да одгледаат и изградат слободен и умен човек, способен да решава и да стои зад своите решенија. Спротивно, живееме во систем во кој мимикријата и прилагодувањето постојат како темелни предуслови за успех.

Но, убедливо најстрашното нешто во овој денешен свет е обидот целосно да се отстранат сомневањата во „вистините“ на капитализмот и обидот да се спречи било каква критиката на овие буржоаски „вистини“. Тоа се прави, пред сѐ, преку секојдневна пропаганда од планетарни размери преку која се постигнува consensus omnium (општа согласност) дека капитализмот е најдобар и незаменлив и со РелативизИРАЊЕ на вистината! Имено, на секоја вистинска вистина веднаш, на сите можни начини, се фабрикуваат десет, сто, илјада… „вистини“ во интерес на доминантната идеологија, на капиталот, на власта! Едноставно, релативизмот на вистината, релативизмот на сѐ и сешто стана идејната и идеолошката основа на денешново време, стана знамето на новиот светски поредок.

fas-kap

Секако, не треба човек да е премногу паметен за да сфати дека главниот инструмент за оваа „операција“ на „перење“ на мозокот се медиумите! Медиумите ја претвориле вистината во фатаморгана! Тие така безочно и темелно лажат, што се чини дека единствената нивна задача е да произведуваат и пропагираат лаги и да го отргнуваат вниманието од значајните нешта! Всушност, новинарите и „интелектуалците“ го штитат политичкиот и економскиот капитал во чија сопственост се наоѓаат самите медиуми или научните институции во кои тие се вработени. Сакам да кажам дека слободата на медиумите е загрозена не само од големите буржоаски идеологии и од конкретните политички проекти, туку над сѐ од бизнис интересите на оние кои ги поседуваат медиумите. Едноставно, слободата на мислата и говорот е ограничена во функција на идеологијата и профитот. Во секој случај, овие секојдневни „пропагандни вистини“ што ни се сервираат, кои поправо треба да се наречат „сочни и убави лаги“, се најопасните лаги. Најопасни се оти ги нема оние што би се сомневале во нив, а ако некои и се посомневаат веднаш се изложени на критика, притисок, омаловажување, игнорирање, а некогаш дури и на физичко отстранување од страна на заблудените верници или од страна на официјалните и неофицијалните чувари на системот.

Така дојдовме до ситуација денес да ни се продава како вистина – голата лага. Всушност, пропагаторите на новиот светски ред во својата самобендисаност лажат безгранично и со инспирација на блудно уживање. Лажат без никаква гњаваторска идеологија. Лажат без срам. Лажат и само лажат и тоа го нарекуваат „политика“, или „став на меѓународната заедница за…“, или „хуманитарна акција за…“, или… Така, стигнавме до своевиден бродолом на паметта, кој нужно води кон смрт на вистината! Оти, колективната послушност и колективниот молк што скоро целосно владеат во светот во врска со очигледното „убиство на вистината“ со војната во Ирак, со војната во Авганистан, со меѓународното право и правда…, не може поинаку да се окаректиризираат освен како колективна несвесност и несовесност на сите луѓе на земјината топка.

Креаторите на новиот светски поредок сфатиле дека вистината не може целосно да се елиминира, но дека таа може и треба да се направи неважна и да се скрие за никој да не ја гледа, да се закопа што е можно подлабоко… И, така, денес без да се погреши може да се констатира дека Вистината е велелепно – мртва! Оти, повеќето луѓе послушно и мирно живеат со целосно фалсификувана слика на стварноста. Живеат во стварност во која идеалот на среќа не само што е грешно поставен, туку намерно е поставен недостижно за да се постигне сеопшта несигурност… Живеат во состојба во која најголемите лаги и најискривените вистини им се прикажуваат како потресни или велелепни феномени на нивната човечка егзистенција… Нормално, животот во ваков свет во кој предубедувањата и предрасудите секојдневно се инсталираат низ воспитувањето, образованието и медиумите, ги оневозможува повеќето луѓе да се пробијат низ мрачните простори на пропагандата! Имено, повеќето луѓе, така длабоко се излажани, така темелно се дресирани со лажни предубедување и претстави што не можат да ја согледаат и прифатат, на пример, едноставната вистината за општочовечката еднаквост и рамноправност. Значи, да појаснам: велам дека во свет во кој дресурата и контролата на мислата се системски вградени, тешко е да се пробие човек до непосредната и јасна свест и совест дека човекот треба да биде човек на човека, а не волк и работодавач и дека надминувањето на таквиот однос е првиот предуслов за секаков понатамошен човечен развој и прогрес… Сепак, да кажам дека иако велам дека е тешко, не велам дека е неможно човек да има вистинито сознание и да се има сопствено незагадено уверување! И велам дека е можно секој човек да има малку смелост и храброст, па да почне да се сомнева во основните идоли и идеали на капитализмот и оттаму да може да замисли дека е можен свет без експлоатација!

Свет на вистината!

Има ли на овој свет искреност? Постои ли ВИСТИНАТА?

Дека низ историјата постоеле целосно искрени луѓе е факт кој е многупати потврден. Мене ми се допаѓа примерот на Сади, еден од најучените и најписмените луѓе на Отоманската империја во времето на султанот Бајазид II, за кого велеле: Не лажам, ако кажам, дека тој никогаш не лажел“. Ама, вистинољубивите се огледала во кои лажговците сфаќаат колку се грди, приземни, прости, неморални… Затоа отсекогаш и насекаде лажговците со најголема жестина и суровост ги прогонувале и уништувале искрените луѓе! А, веќе констатирав дека ние живееме во свет во кој има премалку вистина, односно во свет во кој има премногу лажговци…

Сепак, и да нема свет во кои вистината е примарна, тогаш таков свет треба да се изгради… Знам дека постои и ставот по кој „жално е да умре макар и еден човек заради вистината, оти вистината не раѓа луѓе, туку луѓето раѓаат вистини“, но мислам дека овој став е погрешен, оти само вистините раѓаат луѓе, а се друго раѓа монструми кои имаат облик на луѓе, ама самите не се луѓе… Всушност, на умните им е јасно дека вистината како автономна вредносна категорија го регулира сиот и индивидуален и општествен живот. Вистината на мотивите и вистината на дејствувањето се темелни вредности врз кои опстојува човекот. И хуманизмот. Секако, вистината е темелот и на логиката, филозофијата, науката воопшто…

Волјата за вистина кај луѓето е исконска и неуништива. Хрватскиот филозофБранко Бошњак со право заклучил: Вистината е суштина и услов на човековото постоење воопшто. Едноставно, мораме да запаметиме дека релативизмот кој ни го наметнуваат, нѐ јаде сите  како паразит што го јаде организмот. И, токму затоа секогаш треба да го отфрламе и да му се спротиставуваме. За себе знам дека ако треба да лажам и да ласкам за да се издигнам, за да напредувам во кариерата, за да си обезбедам материјална добивка…, тогаш јас недвојбено велам – не благодарам! Не, благодарам, ама јас на тоа ниско ниво никогаш нема да слезам! И сигурно е дека не сакам да сум во друштво со оние на кои сѐ им е небитно и кои затоа се способни да произведуваат лаги како компири. Јас навистина би сакал да живеам во свет на алетофили (т.е. на оние кои ја љубат вистината) и на филалети (т.е. на оние кои се пријатели на вистината). Мислам дека нас ни е потребен таков свет, наспроти ова живеење оптоварено со лаги, лицемерие и неоправдани занеси. И мислам дека сите треба да разбереме дека животот граден врз гол опортунизан и лаги помалку е живот, а повеќе малограѓанско снаоѓање во животот, живуркање, половичен живот. Можеби сите треба само да ги запоменеме зборовите на шкотскиот педагог и писателАлександар Нил кој велел: Да се зборуваат лаги претставува ситна слабост, ама вистинска пропаст е лажно да се живее. Едноставно, ако сакаме нашиот живот да го градиме врз цврсти темели, треба да го градиме со вистината во нас, пред нас и за нас. Гете рекол дека математичарот е толку совршен колку што во себеси ја чувствува убавината на вистинитоста, но веројатно тоа треба да се прошири на секој човек поединечно!

jaures2

На самиот крај, редно е да се запрашаме: Каде сме ние, како држава, нација, поединци, во однос на барањето на вистината? Во однос на почитта на вистината? Сметам дека никогаш ситуацијата не била полоша. Денес вистината кај нас ја прогонуваат и газат така бескрупулозно, така крвнички, така безмилосно, како што не била газена ни во најтемните времиња на ропство! Вистината кај нас е така длабоко скриена, така далеку протерана и така темелно презрена што ретко кој ја бара и цени. Само ретки интелектуалци воопшто дискутираат за неа… И гледано од овој аспект, нашите македонски перспективи се многу „црни“. Оти познато е дека долгорочно гледано опстануваат и напредуваат само оние општества каде постојат мислители кои се занимаваат со критика на општествено прифатените форми на мислење и кои се застапуваат за ослободување на мислата од стереотипи и предрасуди. Наспроти тоа кај нас сите се насочени кон стекнување на „пари“ и „статус“ и како такви се подложни на секојдневна манипулација од власта и се најжестоки застапници за „вистините“ на официјалната пропаганда. Целата ова ситуација произведува неписмени луѓе и полуписмени „интелктуалци“ кои пишуваат, анализираат, коментираат за сѐ и сешто. Фактот дека немаат никакво знаење или барем минимум информации за она што го коментираат и пишуваат, воопшто не им претставува пречка да се самофалат и да се однесуваат како „ѕвезди“. Под влијание на овие „квази интелектуалци“, мнозинството почна да верува и да се /само/лаже, дека сите нешта ќе се наредат сами по себе, дека имаме повеќе знаење, сила, пари, углед отколку што ги имаме, дека можеме повеќе отколку што можеме, дека сме повредни отколку што сме. За жал таквата ситуација не влече назад и сигурно ќе не влече назад ако продолжи во иднина! Оти, треба да знаеме дека порано или подоцна секогаш доаѓаат проблемите, ако не се кажува вистината /Ен Бронте/

Автор: Александар ЛИТОВСКИ