Платформата за родова еднаквост е згрозена поради најновиот скандалозен случај на жена на која поради погрешна дијагноза за рак на дојка ѝ била направена двојна масектомија, и крајно револтирана поради инертноста на надлежните институции и флагрантното кршење на законите, особено кога станува збор за груба повреда на правото на здравје.
Воедно, како Платформа составена од 28 организации кои се борат за женските права и кои се во голема мера раководени и сочинети од жени, сочувствуваме со пациентката на која ѝ е сериозно прекршено правото на здравје и телесна автономија, што има огромни последици за нејзината добросостојба и квалитет на живот.
Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, организација-членка на Платформата, од 2018 година кога пациентката поднела кривична пријава против двајца лекари и Клиниката за радиотерапија и онкологија за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно работење во службата, па до ден-денес Јавното обвинителство нема донесено одлука за подигнување обвинение или запирање на истражната постапка. Згора на тоа, Вишото јавно обвинителство – кое реагирало по поплака од Хелсиншкиот комитет! – известило дека Основното јавно обивинителство постапувало во согласност со Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство и покрај тоа што истражната постапка трае речиси 4 години.
За надлежните не е спорно непочитувањето на законски утврдените рокови според кои истражната постапка може да трае најмногу 13 месеци, ниту неажурноста на Лекарката комора која доставила Извештај за вршење вонреден инспекциски надзор по повеќе од 2 години, и тоа по ургенција на Хелсиншкиот комитет.
Оттука, со голем револт и разочарување констатираме дека на ваков начин и правосудниот систем и Лекарската комора посветено придонесуваат кон културата на неказнивост, недовербата во системот и непочитувањето на човековите права со што директно ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените.
Имајќи го сето ова предвид, Платформата за родова еднаквост бара од Јавното обвинителство итно да постапи и да донесе јавнообвинителна одлука. Одговорност мора да има!