Промоција на збирката раскази „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ од Влада Урошевиќ, книгоиздавач ИЛИ-ИЛИ, 18 април (вторник), 20.00, Кино Фросина – МКЦ
Промотор: Гоце Смилевски
Расказите од книгата „Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт“ ни покажуваат колку е важен не само градот во кој се пишува, туку и градот за кој се пишува; Влада Урошевиќ во Париз ја наоѓа и логиката и отвореноста кон подрачјата каде логичките закони не важат, или, попрецизно – каде што важи една поинаква логика, логика на невозможното. Низ тоа претставување на една полицентрична стварност, составенa од повеќе планови, понекогаш комплементарни, другпат спротивставени едни на други, кои ни овозможуваат да погледнеме на дејствијата и ликовите од различни точки, честопати со ефект сроден на мултиплицираните перспективи од делата на Ешер, Влада Урошевиќ со своите дванаесет раскази од збирката „Вонземјанки“ успева да оствари маестрална проза.
Гоце Смилевски
Гоце Смилевски
****
Навистина, морам да признам, додека скитав низ улиците на Париз јас речиси постојано се загледував во толпата минувачи очекувајќи меѓу нив да се појави лицето на Адела. Ќе се израдував за миг, помислувајќи дека, конечно, сум ја здогледал. Но набргу доаѓаше разочарување – не, не е таа. Речиси бев на работ да поверувам дека и тогаш, пред она бистро, станувало збор за некаков превид.
Па, сепак, јас ја сретнав Адела уште еднаш.
Бев наминат во големата стоковна куќа „Printemps“, на одделот за парфимерија, да купам паста за бричење. Таму, во таа повеќекатница, има две ленти на подвижни скали: поставени се напоредно – едната оди надолу, другата нагоре. Јас бев на онаа што слегуваше, кога, одеднаш, на скалата што се искачуваше, ја здогледав. Тоа беше таа! Бевме изедначени по височина, но одделени со стаклена преграда. Во тој миг нашите погледи се сретнаа.
Јас ја кренав раката. Низ нејзиното лице како да помина бледа сенка на насмевка. Таа ги затвори и двете очи за миг и веднаш потоа ги отвори. Тоа миговно трепкање беше како некаков облик на нем поздрав. Но мене ескалаторот неумоливо ме спушташе надолу, а неа ја искачуваше. Во следниот миг таа исчезна во височините. Јас останав со рака очајнички крената – како некаков бродоломник од „Сплавот на ‘Медуза’“ на Жерико, кој на хоризонтот здогледал силуета на спасувачки брод.
Се разбира, кога скалите ме оставија долу, кај излезот, јас веднаш се обидов да дојдам до оние што се водеа горе. Но имаше турканица, голема група јапонски туристи сакаа да направат фотографии токму на скалите, и кога се искачив горе, застанав во недоумица каде да тргнам. Пред мене се ширеа ходниците на огромната стоковна куќа, како ходници на лавиринт.
Се почувствував како Тезеј, кој нишката на Аријадна, која дотогаш ја држел в рака, ја наоѓа одеднаш прекината.
(од расказот „Адела, душа-скитничка)

***
Влада Урошевиќ (1934, Скопје), автор на повеќе книги поезија и збирки раскази. Романсиер, есеист, патописец. Првпат навлегол во тајните на Париз во текот на студиската 1967/68 година, за потоа повеќепати да престојува во овој град. Ги препеал на македонски јазик поетските книги на Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо. Составил повеќе антологии, помеѓу кои и „Големата авантура – францускиот надреализам“. Своите доживувања на Париз ги опишал во книгите „Алдебаран“ и „Париски приказни“. Во овој град е избран за член на поетската академија „Маларме“, а таму, годинава, се случи (во исто време кога и во Скопје) неговото именување за добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Вонземјанки; раскази од Латинскиот кварт – Влада Урошевиќ
поговор: Гоце Смилевски
лектура: Виолета Караџовска Стојанова
дизајн на корица: Марија Смилевска
поддржано од Министерство за култура
поговор: Гоце Смилевски
лектура: Виолета Караџовска Стојанова
дизајн на корица: Марија Смилевска
поддржано од Министерство за култура