Најмалку 51% од компаниите, работниците и останати ресурси ќе бидат ангажирани од државата

Сподели

 

„Најмалку 51%  од компаниите, работниците и останати ресурси ќе бидат ангажирани од Република Северна Македонија“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска одговорајќи на пратеничко прашање во врска со ангажираноста на работна сила од државава и наводите од  пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ за вклученост на само 30% од домашните работници. 

„Во делот на законот со кој што велите дека ќе се воведе 12 часа прекувремена работа,  никаде во тој закон кој е предлог на пратениците не стои дека ќе бидат ангажирани работниците 12 часа односно 72 часа и никаде не стои 60 часа неделно“, посочи Тренчевска. 

Во однос на први мај и дека синдикатот дека бил на нозе, како дел од наративот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојановски, министерката Тренчевска посочи дека тоа се манипулации и лажни вести кои ВМРО-ДПМНЕ ги користи за создавање на хаос во општеството.

“Она што е вистината е дека Владата, МТСП и јас како министерка ќе ги штитиме правата на работниците и ќе се почитува секој закон што се однесува на правата на работниците. Она што треба да го знаете дека, за секоја прекувремена работа ќе биде испочитувана одредбата за дневната пауза и неделен одмор односно 24 часовен одмор. Сето тоа ќе биде испочитувано од страна на компаниите од страна на фирмите кои ќе ангажираат работници на коридорот 8 и 10д “, потенцираше Тренчевска. 

На крајот од своето обраќање таа се осврна на заложбите на оваа Влада за почитување на правата на работниците, токму со Законот за работни односи.

„Владата и Министерството за труд и социјална политика  ќе ги штити правата на работниците и нема да дозволи ниту едно право да биде злоупотребено, се работи за проект што е од стратешки и национален интерес, се работи за прекувремена работа која ќе биде исплатена и која ќе биде дозволена само со писмена согласност од работникот“, порача Тренчевска.