Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на денешното воведно излагање на панел дискусијата „Патот до 2030“ истакна дека уставните измени треба да се направат оваа година и дека треба да се перципираат како последна обврска којашто е поврзана за билатералните спорови со соседите, во однос на нашиот Устав и во однос на нашиот систем.
Сè понатаму што го имаме како разлика со соседите, може да го решаваме и билатерално преку инструментите на билатералните договори, но и во рамките на оние теми коишто ги покрива Европската Унија, преку преговорите, како што се: Заштита на правата на малцинските групи и заштита на човековите права и дискриминација, од Поглавјето 23. Постои историска комисија со Бугарија, при што исто така треба на мир и без политички притисоци да се разговара и одлучува, рече Маричиќ додавајќи дека очекува нова ера на односите, и со Бугарија, но и на контекстот во којшто разговаравме со Европската Унија по завршување на овие уставни измени.
На прашањето, дали е возможно до 2030 година да станеме членка на Европската Унија и Северна Македонија, но и регионот, Маричиќ рече дека е можно, но ако на тоа работиме уште од денес и ако дејствуваме заедно на истата цел, укажувајќи дека првиот чекор е подавањето рака со Европската Унија за да се потврди дека целта на овој процес е членство, и дека тоа членство е достижно да се служи до крајот на оваа декада.
Ако тоа не можеме да го направиме како предуслов, многу тешко ќе успееме на крајот. Она што ги движи општествата и политичките актери внатре во државата да прават сериозни, суштински и брзи реформи е можноста за реално членство во Европската Унија. И тоа треба да го знаеме, и тоа треба да ни биде како една предодредница. Тоа не значи дека ако немаме календар, дека ние треба да не работиме ништо. Меѓутоа, доколку сакаме промените да се движат побрзо, посуштински, да се совладуваат логичните и нормалните општествени пречки во текот на преговорите, коишто не се малку, треба да имаме јасен календар, порача вицепремиерот Маричиќ.
Главниот преговарач со ЕУ Маричиќ посочи дека уставните измени е важно да бидат направени годинава, а не по три години, како што мислат во опозицијата, бидејќи после три години не знаеме како ќе изгледа Европската Унија, не знаеме како ќе изгледа Западниот Балкан и немаме идеја во која фаза ќе бидат веќе Србија, Црна Гора и Албанија, коишто нема сигурно да запрат со преговорите заради Северна Македонија.
Ќе продолжат, и за три години можат да бидат во некоја сосема друга фаза, а ние тие три години да ги изгубиме, и по три години да го направиме истото под многу повисока цена. Лекцијата од спорот со Грција ни кажува дека времето не работи за нас, кога имаме спор со држава членка. Напротив дека што повеќе одолговлекуваме, помалку имаме шанса да имаме добра позиција во решавање на тој спор, предупреди Маричиќ.
Тој додаде дека опозицијата нуди уставни измени за три години отсега, што значи дека не се противат да ги направат, но Маричиќ смета дека не само што не е вистинско и добро решение, туку дека имаат и лош тајминг. Да го пропуштиме овој моментум, па можеби за три години. Тој филм сме го гледале и ја чинеше нашата држава многу. Навистина не треба повторно да го дозволиме тоа да се случи, истакна Маричиќ на панел дискусијата.
На крајот од своето обраќање вицепремиерот побара новите формати на Европската Унија да бидат поотворени за земјите од Западен Балкан, на кои има простор да се разговара и да се отвораат прашањата, но ниту едно од тие не треба да биде перцепирано како замена за членството.
Напротив, мислам дека Европската Унија треба да направи контекст во којшто сите тие формати водат кон нашето членство во 2030 во Европската Унија. Треба да се охрабри една група на држави членки и европски институции, и да го отвори ова прашање на овој начин, дека треба да се утврди датум, рече Маричиќ, додавајќи дека тоа би било индикативна година, да почне следното проширување, коешто секако би била условена со успех и напредок во реформите, што се неопходни во текот на преговорите, односно дека не би била дадена однапред и гарантирана.
Панел дискусијата, организирана од Министерството за надворешни работи, беше настан на третото издание на Преспа форум дијалогот 2023 кој треба да се случи во јуни. На панел-дискусијата учествуваа претставници на граѓанското општество и тинк-тенкови од Балканот и пошироко коишто активно ја следат политиката на проширување на Европската Унија.