На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка. Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.
Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали.
Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.
“Европското знаменце постои бидејќи на патот кон ЕУ, Северна Македонија, но и другите држави, треба да усвојат повеќе делови од законодавството, за што е потребно многу време во Парламентот. Ќе бидат потребни децении доколку се усвојат сите делови од законодавството, ако процесот се одвива во нормални услови. Затоа го имаме европското знаменце. Европското знаменце може да го користите кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Нè загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ,” изјави Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и повтори дека системот на европско знаменце се користи кога се усогласува домашната легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ./МИА