Министерството за образование и наука инсистира државната матура да се одржи на датумите кои се дефинирани во Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, односно првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, а вториот на 10 јуни.
Апелираме и до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор целосно да се испочитуваат дефинираните рокови, во интерес на матурантите, чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од овој процес, како чин на формализација на средното образование и стекнување диплома, информираат од МОН
Изразуваме целосно разбирање и даваме поддршка на вработените во Државниот испитен центар за надминување на предизвикот со кој се соочуваат. Правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но сепак, тоа не смее да биде на штета на учениците, кои треба да бидат консултирани за било каков нов предлог околу полагањето на државната матура.
Дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии треба да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матрантите.