Започнува Фестивалот на монодрамата во Битола

Сподели

 

Во Центарот за култура во Битола, вечерва, со претставата „Жени во собрание“ во изведба на „Театар комедија“, започнува 24. издание на Фестивалот на монодрамата.

На програмата на годинашното издание на Фестивалот, кој ја слави актерската игра на уметници од целиот свет, се 13 монодрами на актери од 11 земји.

Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски, како организатор на Фестивалот, најави дека ќе биде презентирана импресивна програма.

„Носиме импресивна низа нови, но и етаблирани актери од многу земји: Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и, се разбира, наши домашни македонски актери. Ова е и единствениот фестивал на монодрама во нашата земја, а и еден од ретките на Балканот“, истакна Андоновска-Илијевски.

На Фестивалот, покрај возбудливите изведби, публиката ја очекуваат и работилници за пантомима, како и богата офф-програма.

Познатиот актер и селектор на Фестивалот, Петар Мирчевски, изјави дека во едно вакво време на кризи да се организира ваков фестивал кој трае девет денови со 13 претстави во официјална конкуренција и 2 претстави во чест на гостите на свеченото отворање и затворање, да се угостат актери од 11 земји, како што рече тој, е рамно на подвиг.

Љупка Коларова-Пајевиќ, која 24 години е столб на Фестивалот, најави дека новина од годинава е конкурсот за македонски монодрами, кој ќе се распише за време на одржувањето на Фестивалот.

„По пауза од над 15 години, го обновуваме конкурсот за монодрамски текст. Една од основните причини зошто беше основан овој фестивал пред многу години, беше токму за да се прошири идејата за монодрамата – како кај актерите да играат во монодрами така и кај драматурзите да ја пишуваат. Се радувам што се враќаме на оваа некогашна иницијатива, а в година очекуваме да се изберат прва, втора и трета награда, да се откупат текстовите и да се издадат во книга која ќе биде промовирана на идното јубилејно 25. издание на Фестивалот“, рече Коларова-Пајевиќ.

Фестивалот го поддржуваат Министерството за култура и Општина Битола, како и Шпанската амбасада во Скопје.