Остана горчливото чувство дека во Македонија се спроведуваше прогон поради декларирање на поинакво верско определување од црковниот меинстрим во државата, сето тоа во една чудна симбиоза меѓу државата и црквата, пишува Соња Крамарска за Республика.
Со години македонската држава го прогонуваше и затвораше некогашниот велешки и повардарски митрополит на Македонската православна црква Јован (Зоран Вранишкоски) кој со група свои приврзаници во 2002 година се издвои од МПЦ а малку подоцна ја формираше и Православната охридска архиепископија (ПОА). Неговите аргументи беа дека МПЦ треба да стапи во канонско единство со Српската православна црква (СПЦ) како мост за стапување во такво единство со останатите православни цркви во светот.
Во бурни и напнати околности Соборот на Српската православна црква му додели чин Митрополит велешки и повардарски и егзарх на автономната Охридска архиепископија, (а по формирањето на Светиот архиерејски синод на ПОА, во 2005, и Архиепископ охридски и Митрополит скопски, Претседател на Синодот на ПОА), додека во Скопје и Битола се одвиваше незапаметен општествен и медиумски линч врз него, неговото семејство и неговите поддржувачи – вкупно 18 на број. Податок кој сам по себе говори за „ересот“ што според нашата држава го правеше Вранишкоски и за општата мобилизација на сите домашни сили тој да биде изолиран, замолчен и засрамен.
Денес, Вранишкоски се враќа „на бел коњ“. По дваесетина години од создавањето, Православната охридска архиепископија на Јован Вранишкоски, која беше дел од Српската православна црква а создадена како паралелна црква во Македонија, престанува да постои како самостојна црковна единица и се обединува со Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Официјалната интеграција се очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кон средината на овој месец.
Малку кој може да му се радува на овa, a најмалку Вранишкоски.
Но да го видиме краткиот историјат: Вранишкоски, владика и тогашен член на Светиот синод на МПЦ, го поддржуваше Нишкиот договор. Откако Светиот синод на МПЦ го отфрли тој договор, Вранишкоски го прифати повикот на СПЦ за повторно обединување од 20 јуни 2002 година. На 21 јуни 2002 година јавно објави дека е подготвен за канонско соединување со СПЦ.
Тоа предизвика реакција во јавноста, пред се во Битола каде што Вранишкоски и неговите истомисленици користеа простории во згради за домување за верски обреди. Еклатантен пример за тоа беше сослушувањето на сведоци од становите во зградата каде користеше стан Вранишкоски, како дел од истрагата против него во 2004 година.
Станарите тврдеа дека се вознемирувани од сестринството на Вранишкоски, Епископот Марко и одметнатите монаси. „Зградата е посебна институција и секој не може да прави што сака во неа, тука си има посебни правила. Црквата е бања која треба да ни ја измие душата кога човек ќе појде таму, а не да вака да не вознемируваат“, беше една од реакциите.
На 5 јули 2002 година, Светиот синод на МПЦ го разреши Вранишкоски со образложение дека со неговото еднострано пристапување во СПЦ, тој ја прекршил заклетвата со која се обврзал да го чува единството и Уставот на Црквата. На 23 септември 2002 година, СПЦ го прогласи за ништовно разрешувањето на Вранишкоски и го назначи за „егзарх на пеќскиот архиепископ и патријарх на Србија за сите епархии на Охридската архиепископија“.
Црвен аларм од Стејт департментот
ПОА никогаш не беше признаена од македонските, не само црковни туку и од световните власти, а Јован во неколку последователни судски процеси беше осуден на две години затвор заради затајување данок во 2012 година, и дополнително на уште три години затвор во 2013 година. За цело време беше прогонуван и од медиумите и од државните и црковните институции. Потписниците на нишкиот документ, тројцата владици Петар, Наум и Тимотеј ретерираа, а договорот од Ниш го бранеше само Вранишкоски, со што стана главната фигура кон која се насочи гневот.
Случајот отиде и на Европскиот суд за човекови права кој пресуди во корист на Вранишкоски и неговата црква, за што македонската влада поднесе жалба. Пресудата на страна на Европскиот суд за човекови права во полза на неговата Православната Охридска архиепископија, како и осудата на Македонија за тие дејствија беа и тогаш забележани во извештајот на американскиот Стејт департмент.
Извор: Дарко Андоновски
Така Јован Вранишкоски стана парадигма за кршењето на човековите права во Македонија за слободно верско убедување. Неговиот случај дури е и единствен за кој не може да биде обвинета „ексклузивно“ едната или другата партија кои над 30 години владеат на смени во државата. Бидејќи, драмата која ги исфрли на површина сите табуа, предрасуди, верски фанатизми, но и диригираното судство и полиција во нашата држава, се случуваше во мандатите и на социјалдемократската влада на СДСМ и на конзервативната на ВМРО-ДПМНЕ.
Едноставно, Вранишкоски беше „непријателот“ на едно време, и во име на таа мисија беа игнорирани бројни меѓународни извештаи за човековите права и верските слободи во Македонија кои испраќаа пораки со осуда.
Во извештајот на Стејт департментот за верските слободи во 2017 година се нотира повторениот процес против владиката Јован Вранишкоски.
„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење на пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се наведува во извештајот, кој го цитира и Европскиот суд за човекови права со неговата оцена дека „со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера“.
Иста констатација стигна и претходно во редовниот годишен извештај за верските слободи за 2010 година, кога беше посочено дека „законот поставува одредени лимити врз верските активности преку рестрикции во регистрацијата на верските групи и локациите каде може да се држат верските активности“, спомнувајќи го токму случајот со Вранишкоски и Охридската православна архиепископија која тој ја предводеше.
Стејт департментот сметаше дека „ограничувањата содржани во Законот за верски заедници и верски групи и натаму се применуваат на групата позната како Охридска Православна Архиепископија на чело со расчинетиот владика на МПЦ Јован – Зоран Вранишкоски“. Извештајот исто така даде детална хронологија на сите настани во врска со „случајот Вранишкоски“.
Притоа дури беше наведено и дека амбасадорот на САД во Македонија и останати претставници во блиска соработка со ОБСЕ континуирано ги следат настаните во овој случај, а на средбите со претседателот на Македонија, со премиерот и со црковни претставници, од американска страна било побарано да се почитуваат верските слободи, правната држава како и да се практикува воздржаност во реториката од обете страни во случајот.
Однос без преседан
Сето тоа не ја одврати македонската Влада да продолжи по патот на нетолеранцијата и кршењето на човековите индивидуални и колективни права, демонстрирајќи го тоа со вложување жалба на одлуката на Европскиот суд за човекови права. Жалбата беше одбиена и Судот остана на својата одлука дека власта во Македонија, со одбивањето да ја регистрира, ги нарушила правата на Православната Охридска Архиепископија.
Неговата пресуда беше дека власта во Македонија ја нарушила Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаменталните слободи на Советот на Европа, што ја вклучува и обврската да се постапува неутрално и непристрасно кон верските групи.
Имаше уште многу фаули кон, грубо кажано, нашата македонска верзија на црковен Џулијан Асанж: одземање на пасош без објаснување кога сакал да ја помине границата кон Грција, несоодветен третман во затворот кој резултираше со влошено здравје, судски пресуди и против неговата мајка и сестра, обвинување за ширење на верска омраза, конфискување на имоти кои тој прецизно ги документираше во допис до судството.
Ваквиот однос е без преседан во досегашната 30-годишна историја на независна и самостојна Македонија.
Вранишкоски и ден денес може да го најдете во неговото битолско Нижеполе. По она на што беше изложен во минатото во својата држава (речиси петгодишна затворска казна), тој е со значително нарушено здравје и лимитирани физички способности. Но, за среќа уште има бистар ум, велат луѓе од неговото опкружување. Денес не се надевал на ништо освен да го задржи статусот на епископ. За него црковната кариера е завршена иако е на релативно млада возраст, има само 57 години, што во црквата не се смета за старост или пречка за напредување во црковната хиерархија.
Важно е да се каже и дека приказната за Јован Вранишкоски и за неговите следбеници доби среќен крај не затоа што македонското општество си ја увиде грешката туку затоа што настапија процеси во поголемата слика, кои водеа до позитивна разрешница. Тука е важно да спомнеме дека настаните за првпат добија поинаков тек кога во декември 2014 година рускиот митрополит Иларион дојде во посета на Македонија каде се сретна со поглаварот г.г. Стефан, со тогашниот премиер Груевски и со претседателот Иванов, од кои побара Вранишкоски да биде пуштен од затвор. Барањето беше исполнето на тој начин што македонските црковни власти побараа помилување за Вранишкоски.
Иако јавно не беше соопштено, македонската страна за возврат тогаш побарала Руската православна црква да ја притисне Српската православна црква за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква. Јован беше пуштен, и беше земен во Москва на лекување. Но, руската црква тогаш не го исполни својот дел од „договорот“ и беа потребни нови десет години за да се дојде до сегашниот пресврт.
Тие што го познаваат Вранишкоски велат дека се работи за начитан, сестран, образован, културен и кроток човек. Привлекува внимание неговиот одмерен јазик кога зборува за прогонството на кое беше изложен во неговите најубави животни години, отсуството на триумфализам во гласот и во пораките, и спокојството со кое го прифати фактот дека за својата држава беше цели две децении персона нон грата во секоја смисла.
Иако Јован денес е на слобода, останува горчливото чувство дека во Македонија се спроведуваше прогон поради декларирање на поинакво верско определување од црковниот меинстрим во државата, а сето тоа – во една чудна симбиоза меѓу државата и црквата.