Согласно политиките и заложбите за осовременување на здравствениот сектор преку дигитализација, Министерството за Здравство ја презентираше „Мое Здравје“ – нова мобилна апликација која ќе им овозможи на сите граѓани да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци.
Апликацијата вклучува интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи, упатите за специјалистички прегледи, вакцините и сертификатите за вакцинација и многу повеќе информации во форма на лично здравствено досие. Во рамки на ова дигитално решение ќе бидат овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен.
На ваков начин, секој граѓанин ќе има можност за директен увид во податоците поврзани со личното здравје.
“Како министерство работиме и ги следиме современите текови и трендови во доменот на достапност на лични податоци поврзани со здравственитедосиеја на граѓаните од нашата држава.Со ваков пристапсе зголемува нивото на транспарентност и достапност до личните податоци поврзани со здравјето, како за медицинските лице, така и за пациентите“. – изјави д-р Фатмир Меџити, Министер за Здравство.
“Како надградба на постојната дигитална платформа “Мој термин“, изработивме модул со кој граѓаните ќе имаат можност дабидат во тек и да имаат постојан увид во личнитездравствени досиеја.Во рамки на апликацијата, секој корисник ќе има можност да пристапи до широк опсег лични здравствени податоци и на таков начин да има максимален увид во сопственото здравствено досие“ – изјави Жаклина Чагороска, Проектен Координатор за „Мое Здравје“, Министерство за Здравство.
Апликацијата „Мое Здравје“ е изработена за потребите на Министерството за Здравство на Република Северна Македонија од компаниите „Кликер“ (дизајнирање на апликацијата) и „Сорсикс“ (изработка на апликацијата).
Истата е бесплатна и за преземање од сите заинтересирани полнолетни граѓани на Република Северна Македонија достапна е за “Android” или “iOS” оперативни системи.
За преземање на апликацијата: [Google Play Store] /[Apple App Store]
За „Мое Здравје“
Со мобилната апликација „Мое Здравје“, секој граѓанин ќе има можност за увид во своите здравствени, електронски поврзани податоци од електронското здравствено досие. Секој граѓанин кој ќе ја преземе апликацијата, ќе може да пристапи до своето здравствено електронско досие преку креирање на единствен профил со корисничко име и лозинка. Со регистрација и активирање на корисничкиот профил, овозможен е пристап до личниот електронски здравствен картон (досие), или до картонот за лица за кој Граѓанинот е овластен, што им овозможува на родителите/старателите да имаат пристап до здравствените картони на малолетните лица за кои се одговорни.
Преку мобилната апликација “Мое здравје”, секој граѓанин ќе има увид за:
– Реализирани прегледи кај матичен лекар;
– Упати за специјалистички, дијагностички или лабораториски анализи (изминати прегледи/архива и закажани прегледи и испитувања во иднина / активни);
– Рецепти (акутни и хронични), достапни како архива и активни (валидни рецепти за кои пациентот нема подигнато лек).
– Вакцинален статус и сертификати за вакцинација, како и решенија за изолација.
Во рамки на ова дигитално решение, за секоја од наведените категории податоци, ќе бидат овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги.
Упатство за користење на апликацијата на македонски јазик
Упатство за користење на апликацијата на албански јазик
Упатство за најава на апликацијата на македонски јазик
Упатство за најава на апликацијата на албански јазик