КФОР: Приштина и Белград да преземат одговорност за настаните на северот на Косово

Сподели

 

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, побара од надлежните во Косово и Србија да преземат одговорност за создадената ситуација во северот на земјата и повика да се спречи натамошната ескалација на состојбата, јави МИА од Приштина.

Во соопштение за медиумите по повод вчерашните протести на локалните Срби во општините со мнозинско српско население, КФОР наведува дека успеал да ги отстрани заканите по животот на граѓаните во тој дел од Косово.

-Со цел да се избегне судир меѓу страните и да се минимизира опасноста од ескалација, мировниците на КФОР ги спречија заканите по живот на косовските Срби и Албанци. Обете страни треба да ја преземете целосната одговорност за тоа што се случи и да спречите натамошна ескалација, наместо да се криете зад лажни приказни, им порача КФОР на Приштина и Белград.

Во соопштението се наведува дека во текот на вчерашниот ден 30 војници се повредени во општина Звечане, како последица на насилството на српските демонстранти. Во протестите 11 италијански војници и 19 од унгарскиот контингент се здобиле со повеќекратни повреди, меѓу кои со скршеници и изгореници од запаливи и експлозивни средства. Нивните повреди, наведува КФОР, не се опасни по живот.

-Мисијата на КФОР предводена од НАТО го зголеми своето присуство во четирите општини во северно Косово, со цел да се намали опасноста од ескалација откако новоизбраните градоначалници се обидоа да ја преземат должноста. Трупите на КФОР подоцна беа нападнати од масата која стануваше сè поагресивна. КФОР секогаш дејствува решително и умерено, во рамки на Стриктните правила на ангажирање (РОЕ). Во овој случај тој одговори на неиспровоцираните напади на една насилна и опасна маса, извршувајќи го мандатот доверен од ООН на непристрасен начин, се вели во соопштението.

КФОР напоменува дека командантот на мисијата, генерал-мајор Ангело Микеле Ристуќа, лично го следи развојот на настаните.

-КФОР ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за да обезбеди безбедно окружување и слободно движење за сите заедници во Косово, согласно неговиот мандат заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН од 1999 година, се вели во соопштението.

Голем број косовски Срби вчера протестираа против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население Северна Митровица, Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Новите градоначалници во петокот положија заклетви и влегоа во нивните општинските згради обезбедувани од голем број припадници на специјалната полиција.

На вонредните локални избори на 23 април годинава, кои Србите ги бојкотираа откако претходно минатиот ноември ги напуштија централните и локалните институции, победија кандидатите на партиите на етничките Албанци, но со исклучително ниска излезност на граѓаните со право на глас.