Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставни измени

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, по средбата со претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека средбата е начин на кој треба да се комуницира на прашања кои се важни за иднината на државата, на граѓаните.

Можам да кажам дека е добро што ВМРО – ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба која што ја имавме и тоа е добро.

Овие измени реално не се однесуваат на ниту едно идентитетско прашање, туку преку обезбедување на правата на различните заедници кои живеат тука го штитиме идентитетот не само на другите, туку и сопствениот и се гордееме како функционално демократско мултиетничко, мултикултурно, мултиконфенсионално општество без разлика кој на кој дел од општеството му припаѓа, бидејќи ние сме Европа во маало со оглед на разноликоста на граѓаните кои живеат и на културата која ја имаме во нашата држава.

Пред нас имаме одлука која што е политички тешка одлука, со оглед на дискурсот кој ја пратеше во текот на изминатата една година, со оглед на многубројни ставови кои што беа изнесени кои беа прилично дијаметрално спротивни до денес и таа одлука сите ние политичари имаме обврска да ја донесеме, бидејќи со неа обезбедуваме продолжување на европската интеграција на државата, подобар живот, иднина на сите граѓани. Нашите граѓани заслужуваат и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ меѓутоа земја членка на ЕУ. Северна Македонија нашата, нивната земја, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓа држава.

Затоа, на средбата предложив да го направиме следниот чекор и да ги изгласаме заедно уставните измени. Бидејќи тоа е вистинското решение кое граѓаните го очекуваат од нас. Дополнително дадов предлог до претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, доколку тие се сложат, заеднички и консензуално да пристапиме на остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме уставните измени, отворањето, подготвувањето на амандманите, затворањето на уставот, тогаш предложив дека веднаш после последното гласање може да одиме на избори.

Тоа е став кој го имам кажано пред неколку месеци и кој јавно јас го имам соопштено меѓутоа и други членови на Владата и коалициони партнери.
 
Меѓутоа во текот на изминатиот период, слушајќи ги сите изјави кои беа давани од страна политичките субјекти, сфатив дека за г. Мицкоски и за ВМРО – ДПМНЕ е важно да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање на политички поени само за себе и дека не сме водени од свои партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на уставот со 2/3 при што би гласале сите пратеници во Собранието кои што го поддржуваат европскиот пат на државата и кои се определени за ЕУ и веднаш утредента ВМРО – ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО – ДПМНЕ: На тој начин ќе обезбедиме Влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои што се за ЕУ, а денес слушнавме дека тоа веќе не е проблем за ВМРО –ДПМНЕ, на тој начин таа Влада во која ќе бидат дел сите партии кои се за ЕУ – интеграции, кои во минатото покажеле дека се за ЕУ и евроатлански интеграции ќе бидат дел од истата. Ќе го спроведе таа Влада процесот на уставни измени, таа Влада ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, таа Влада ќе го затвори процесот на уставните измени и таа Влада ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од првиот кластер. И дополнително таа Влада ќе може да ги организира и следните избори.

Верзијата која назад ја добив од г. Мицкоски вие ја слушнавте тој ја кажа на прес-конференција, дури и образложи што јас сум предложил. Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од Владата, некои требало да бидат. Сметам дека на нас ни треба Влада во која што ќе биде едно широко обединување на сите, која што Влада ќе има јасна цел и целите ви ги кажав. Уставните измени, завршување на скрининг процесот, завршување на уставните измени, почеток на отворање на поглавјата дури и затворање на едно или две, и потоа подготовка за следни избори во терминот кој е предвиден согласно со закон. Сметам дека тоа ќе биде Влада на обединување, Влада на ЕУ – интеграција,  а не на изолација и на дестабилизација. Бидејќи други сценарија може да доведат до други резултати во општеството како што на пример гледаме во рамки на голем број на други држави кога се прават одредени работи непринципиелно или врз основа на одредени субјективни оценки.

Ние сме подготвени да изнајдеме решение кое што ќе донесе обединување и победа за македонските граѓани, за државата, добро е што опозицијата се соочи со реалноста, во однос на уставните промени и потребата од нивното носење. Сметам дека доколку добро ја анализираат преговарачката рамка, таа е јавно достапна, објавена, дека исто така ќе се согласат и со неа, бидејќи таму многу јасно се наведени истите гаранции и сите обврски кои што ги има ЕУ, и обврската која што ја имаме ние, каде што се е направено на македонски јазик. Затоа сметам дека овој дијалог треба да продолжи, можеби не треба да биде секогаш со најавување со големи настани или големи прес – конференции, ние имаме и Парламент во кој што треба да се одвива дискусијата во рамките на оваа институција, каде што сите се застапени, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат и единствена алтернатива, до сега никој не понуди друга алтернатива за државата, ниту пак некоја друга организација на држави понуди соработка или помош на ниво како што тоа го прави ЕУ.