Министерот за финансии Фатмир Бесими објави дека купил „Граѓанска обврзница“ од 10.000 денари, и со тоа го покажа процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата.
Денеска решив симболично да купам една „Граѓанска обврзница„ за да го илустрирам процесот на инвестирање и придобивките за граѓаните и земјата:
1. Поднесов барање до банката за купување хартии од вредност – „Граѓанска обврзница“,
2. Банката ќе ме извести за резултатот од аукцијата што ќе се одржи на 13 јули 2023 година,
3. Сопственоста на граѓанските обврзници ќе се евидентира во Депозитарот за хартии од вредност на 20 јули 2023 година.
Оваа инвестиција од 10.000 денари се очекува две години по ред да ми носи принос од 500 денари, и тоа на 20 јули 2024 година и истиот датум во 2025 година кога ќе ми биде вратена вложената вредност од 10.000 денари.
Со оваа инвестиција симболично ќе придонесам за развојот на земјата со развојни проекти кои се финансираат од буџетот на државата во интерес на економијата и благосостојбата на граѓаните.
Граѓанската обврзница е инвестиција и за идните генерации – затоа истото ќе и го подарам на Аурела, мојата 14-годишна ќерка, како нејзина прва инвестиција за подобра иднина на нејзината татковина!
Со цел да избегнам било каков конфликт на интереси поради мојата јавна должност како министер за финансии и со овластувања за одлучување при издавање на хартии од вредност со цел финансирање на буџетот, најавувам дека нема да учествувам со дополнителни инвестиции во граѓански обврзници додека ја извршувам оваа јавна должност.
Ве поканувам и Вие да бидете дел од овој важен развоен процес на земјата, кој ви нуди и лична благосостојба со сигурни и поволни инвестиции! – напиша министерот Бесими на својот официјален ФБ профил.