Стојчевска: „Скопје во 5 и 17“ започна носталгично со евергрините блиски до сите генерации

Сподели

 

Министерството за култура, со проектот „Скопје во 5 и 17“, се вклучува во одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Дводневната програма под наслов „Скопје во 5 и 17“ започна вчеравечер со концерт во паркот „Ибни Пајко“, на кој различни генерации граѓани, низ носталгично музичко патување, се потсетија на најубавите песни и стихови посветени на Скопје.

На концертот настапија Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници и естрадните уметници: Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Светлана Јовановска и Џон Илија Апелгрин.

Скопјани и сите љубители на музиката уживаа во изведбата на дел од најпознатите македонски евергрин-композиции, меѓу кои: „Езеро мое“, „Лени“, „Молчи една долина“, „За нас почнува живот“, „Рандеву“, „Молчи, молчи“ и други мелодии кои имаат трајни вредности во македонската музика.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска упати благодарност до Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници и до сите уметници коишто ги изведоа безвременските хитови.  Костадиновска-Стојчевска појасни дека одлуката да се отвори оваа серија настани со концерт на македонски евергрини била, како што кажа, повеќеслојна.

„Музиката има уникатна способност да допре до душата, да ги разбранува спомените и да инспирира. Има моќ да ги зближи луѓето, да создаде чувство на заедништво. Настапите на сите музичари дадоа белег на трајниот дух на Скопје. Сите заедно се потсетивме на издржливоста на Скопје на значајната годишнина од катастрофалниот земјотрес што го преобликува главниот град. Сите пулсиравме во духот на Скопје, сеќавајќи се на она што го загубивме, но и како прослава на нашата способност да одиме напред и покрај неволјите“, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Програмата на настанот „Скопје во пет и седумнаесет“ продолжува денеска во Музејот на современата уметност каде што ќе биде отворена дигиталната изложба „Подемот и падот на Скопје“, која ќе го претстави делото на Киро Георгиевски.  Изложбата е отворена за посетители од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.

Во Музејот на Град Скопје ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија – „Зборувај за Скопје“, кој содржи: ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје.

Во Кинотеката на Република Северна Македонија вечер во 18 часот ќе се одржи проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје, а од 20 часот ќе се одржи премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли. 

Во Шалтер-салата на Поштата и на зградата на Телекомуникацискиот центар, креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ во 20 часот ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на  земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање. 

Во партнерство со „Телеком“, вечер дел од видеоинсертите од филмски журнали на „Филмски новости“ ќе одат и на видеоѕидот на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“. Проекција на филмовите ќе има и на видеоѕидот кај Националната  опера и балет, со почеток во 20 часот, а во трговскиот центар „Ист гејт“ во текот на целиот ден. Видеоинсертите ќе бидат прикажани и во МСУ. 

Дводневниот настан „Скопје во пет и седумнаесет“ го организираат  Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија.