Денес, во Државниот пазарен инспекторат се одржа работна средба со министерот за економија, Крешник Бектеши, претставници од министерството за економија и раководителите на одделенијата за инспекциски надзор на пазарниот инспекторат од цела Македонија. На работната средба се разговараше за моменталната ситуација во пазарниот инспекторат, стратегија за подобрување на работата на инспекторатот и следни активности што ќе се одвиваат во институцијата.
Во наредниот период ќе следи зголемување на платите на вработените во пазарниот инспекторат и измена на дел од законите кои се во надлежност на инспекторатот, со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста на надзорите, и воопшто на целата работа во инспекторатот.
Следејќи ги цените, порастот на инфлацијата, и реакциите на граѓаните за високите цени на производите, потенцираме дека како институција немаме надлежност ниту пак можеме да влијаеме врз формирањето на цените на производите. Цените ги формираат трговците по своја волја и утврдени практики. Од утврденото, може да се заклучи дека цените на прехрамбените производи се високи и ако Владата по предлог на Министерството за економија, донесе Одлуки во врска со намалување на цените, пазарниот инспекторат ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис како и до сега.
Пазарниот инспекторат и понатаму останува да работи со засилени контроли на терен, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
Ги охрабруваме сите граѓани, кои ќе забележат неправилности, да пријават во пазарниот инспекторат.