Денеска истекува рокот за купување граѓански обврзници од втората емисија

Сподели

 

Денеска истекува рокот во кој граѓаните можат да запишат граѓански обврзници од втората емисија, за која аукцијата ќе се одржи утре. Барањето за учество на аукцијата и уплата на средствата за кои граѓаните сакаат да купат граѓански обврзници може да го направат во сите деловни банки во земјата.

Министерството за финансии, проспектот за втората емисија Граѓанска обврзници го објави на 18 октомври на износ од 10 милиони евра. Граѓаните имаат можност да уплатат средства за запишување граѓански обврзници денеска, а утре ќе се одржи аукцијата по што почнува процесот на запишување на граѓанската обврзница на име на граѓаните во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Граѓаните кои ќе запишат граѓански обврзници за својата инвестиција ќе добијат камата или принос од 5% годишно, односно за две години вкупно 10% на вложениот износ. Исплатата на првиот купон ќе се изврши на 14 ноември 2024 година, додека вториот купон, односно каматата за втората година на 14 ноември 2025 година, истовремено со исплатата на вложените средства. Граѓаните можат да вложат минимално 10.000 денари, со купување на една граѓанска обврзница.

Граѓанската обврзница е нов инструмент на домашниот финансиски пазар кој го издава државата. Инвестицијата во граѓанска обврзница е безризична и сигурна, носи атрактивен принос за граѓаните и при тоа ја штити вредноста на нивните пари. 

Граѓанската обврзница на пазарот е присутна од јули оваа година кога беше објавена првата емисија, а на која граѓаните пројавија 2,5 пати поголем интерес од износот кој беше објавен со Проспектот. Граѓанската обврзница на финансиски инструмент ќе биде присутна во континуитет на пазарот.

Покрај граѓанската обврзница како нов инструмент Министерството за финансии ја лансираше и Зелената обврзница, а ќе следуваат и развојната и проектната обврзница. Целта на овие обврзници е мобилизирање на приватниот капитал во функција на развојот и  забрзување на економскиот раст.