Ковачевски: Парламентарните и претседателските избори на 8.мај

Сподели

 

“По 17 години повторно имаме редовни парламентарни избори. Последните редовни парламентарни избори во нашата држава биле во 2006 година. Тоа значи дека Владата успеала да креира дополнителна стабилност, извесност, предвидливост и почитување на редот и законите согласно највисоки демократски принципи. И тоа е голем чекор, по постоењето на заробената држава до пред само помалку од една декада”, изјави премиерот Димитар Ковачевски, по лидерската средба што се одржа на негова иницијатива во Собранието, а на којашто присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседатели на политички партии застапени во Парламентот.

“По интензивна комуникација со коалициските партнери, како и активно следење на ставовите на сите политички партии, вклучително и работни групи кои работеа во измените на Изборниот закон, согласно ОБСЕ/ОДИХР во кои учествуваа сите политички партии, она што го посочив е дека редовните претседателски избори има простор да се одржат на крајот на месец април, односно редовните парламентарни избори да се одржат на почетокот на мај. Секако мораме да ги имаме предвид и законските ограничувања, но и внимаваме на верските празници кои ни следуваат, а тие се всушност целиот месец април кој е месец на Рамазан, а на самиот почеток на мај е Велигден.

 

 

Имајќи го сето ова предвид, на средбата предложив термини за одржување на претседателските и парламентарните избори, да се 24 април за прв круг претседателски избори и 8 мај за втор круг претседателски избори и воедно и парламентарни избори.

Она што го заклучивме на средбата е дека редовните избори ќе се одржат на 24 април и тоа прв круг претседателски избори и 8 мај за втор круг претседателски и парламентарни избори.

Согласно законот, техничка влада односно пржинска влада ќе има од 28 јануари и законската обврска која јас како премиер ја имам ќе се исполни, и секако коалицискиот договор ќе си биде исполнет.

Дополнително би сакал да ве информирам дека на вечерашната седница на Извршниот одбор, СДСМ започна иницијатива за формирање на широк Европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството на Северна Македонија во ЕУ.

Во оваа насока ги повикавме сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во Европскиот фронт.

Многу е важно сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика, заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да го создадеме Европскиот фронт и да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година и економски напредок, подобар животен стандард, врвна демократија, и социјална правда за нашите граѓани.

Врз основа на овие политички принципи за формирање на Европски фронт, Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател согласно статутот и соодветните правилници во партијата”, додаде премиерот по лидерскта средба.