Македонија е неуспешна држава – a failed state. Дваесет и пет години по прогласувањето на независноста, тоа мораме да си го признаеме.
Пропадната земја која веќе нема енергија да се носи со одговорностите на една суверена демократска држава, зашто ја потроши на лични и политички пресметки за власт и за пари.
Го пишувам овие шокантни зборови на 25 годишнината од нашата независност, за да се соочиме со вистината и за да бараме чаре. Во нас самите. Зашто, гледајќи на почетоците од нашата независност, сведок бев дека никој во ЕУ и во САД од нас не очекуваше чуда. Имаа разбирање за проблемите кои произлегуваат од нашата автократска традиција, свесни за отсуството на макар и еден ден демократија во нашата политичка историја; не ги интересираше кој бил што во поранешниот систем; ја почитуваа нашата декларирана воља да живееме во слобода и демократија; сочувствуваа со трагедијата на Балканот, со 200,000 убиени, двата милиони раселени, со Сребреница во кој а во четри пеколни деноноќија вооружени луѓе од една нација и вероисповест масакрираа преку седум илјади мажи и момчиња од друга нација и вероисповест; не охрабруваа да продолжиме да се однесуваме европски, мирољубиво и да се издигнеме над бестијалностите на етничките војни; демонстрираа добра воља кон нас и сесрдно не помагаа…
Имаа разбирање и кога не успеавме да го размрсиме меѓуетничкиот јазол во првата деценија од нашата независнот, иако на секој објективен аналитичар му беше јасно дека мајоризацијата на еден народ врз друг, простата причина за војните во Југославија, озаконета и во нашиот прв устав, ќе ни се повтори и нам, па воено интервенираа и ни помогнаа во 2001, спречувајќи меѓуетнички колеж со кој парализираната власт не можеше да се справи. Откога помина тоа, свесни дека само ако станеме дел од НАТО и од ЕУ, можеме да избегнеме нови трагедии, во 2005 ни доделија кандидатски статус. Каква пружена рака, каква прилика!
Ние пак, не пропуштивме прилика да пропуштиме уште една прилика, па, во годините што следеа повторно се загубивме во своите внатрешни кавги за власт, за пари и за моќ, неспособни да мислиме потака од денот, да мислиме долгорочно,„стратешки“, за народот и за државата.Така западните држави преокупирани со сопствените проблеми, го загубија интересот да го поправаат нашето неодговорно поведение. Конечно, начелото на самопомош е основното правило како во животот на еден човек така и во животот на една држава. Ако некој, со своето поведение, решил да се уништи, може само токлку да му се помогне. А, кој знае, можеби и ќе се извлече некако? Настапи, како што ми рече еден претставника на НАТО, „кубанизација“ на Македонија.
Имено, важно стана да нема војна, а за другото,за демократијата, за слободата и за правната држава, па тоа е „историски процес“ низ кој секој народ мора да си помине согласно своите способности. Надвор од интегративниот процес кој би наметнал контрола врз поведението на македонските политичари, „кубанизацијата“ произведе корумпирана автократска власт. За надворешниот фактор, главно беше партиите да се грижат за мирот: едната за мирот кај Македонците, а дугата за мирот кај Албанците, позиција од која и двете сгтрани ја црпеа својата моќ. Но, така ја запустивме демократијата, слободата и правната држава. Се што беше договор помеѓу македонско- албанската партиска оска на власт, која, нели, го гарантираше мирот, беше доволно за нашите западни пријатели. Им стана јасно дека од нашите политичари кои никако да ја апсолвираат првата лекција од демократијата – дијалогот, одговорноста, компромисот, базичната взаемна доверба, не ќе може да се очекува многу на планот на ширењето на слободата и демократијата, или на правната држава, па се помирија со тој факт. Така за Западот стана важно да ја држат под своја контрола или барем надзор, раката на оние кои можеа да предизвикаат меѓуетнички конфликт, а што се однесува до демократските вредности,значи до нивните умови, не се чувствуваа одговорни.
Но, таквиот сојуз со локалните политички босовија само ја зајакна негрижата за демократијата и правната држава, како и позицијата на отуѓената и неконтролирана власт во Македонија. Кога, во еден момент, со кумановските настани, се покажа колку е опасна таквата политика на попуштање (appeasement), кога се работи за демократските вредностите и принципите на правната држава и дека таа може да доведе не само до дестабилизација на државата туку и регионот во целина, реакцијата на САД и на ЕУ беше жестока. Историјата допрва ќе каже како тоа во еден единствен ден, со одлука од надвор, беа отстранети од функцијата клучните личности во полицијата и во владата, најблиските соработници на премиерот, но лесно можеме да претпоставиме. Вредното во сето ова беше дека стана јасно дека најдобра гаранција за мирот е грижа за демократијата и за правната држава во Македонија, онаа која е производ на демократски контролирана власт одвнатре а не однадвор.
Не чека тежок пат за излез од кризата која, ниту случајно, нема да заврши со изборите. Од македонските политичари сега ќе се бара да се докажат на планот на градењето правна демократска држава, а нивните зборови повеќе ќе се мерат со аршините на вистината. И на еден чуден начин, препораката која до британските дипломати на Балканот ја упатил Форин офисот од Лондон, некаде кон крајот на деветнаесеттиот век, стана актуелна денес: секогаш да ја зборувате вистината и да не се натпреварувате во лагите и ласкањата со локалните власти, оти тие се шампиони во таа дисциплина.
Автор: Денко Малески
Објавено во plusinfo.mk