Обвинителството од Тревизо, Италија отвори случај за авионската несреќа што се случи во вторникот попладне во атарот на селото Кожле, скопско, во која загинаа шестмина италијански државјани, пренеува Нова ТВ.
Од авиоклубот во Тревизо, чијашто сопственост беше малиот авион велат дека ќе биде тешко да се реконструира што точно се случило.
– Овој тип на авиони не е опремен со црни кутии. Често има и повеќе од една причина за несреќа. Сепак, во областа имаше лоши временски услови – изјавил Џон Тесари, инстурктор од клубот, за локалните медиуми.
Јавното обвинителство на РМ вчера соопшти дека завршиле со снимањето со дрон на местото на несреќата и дека телата на загинатите се предадени во Институтот за судска медицина, каде ќе биде спроведена постапка на нивна идентификација преку ДНА анализи. Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата, подигањето и пренесување на материјалот ќе продолжи и денеска.
Во авионската несреќа загинаа сите шест патници- петмина мажи и една жена, во малиот авион тип Пајпер. Според италијанските медиуми меѓу нив се претседателот и потпретседателот на авиоклубот Тревизо Франческо Монтањер и Дарио Бастасин.
Авионот полетал од Тревизо во 14 часот кон Приштина, а во 17.40 часот требало да слета во Скопје за да наполни гориво. Четири минути пред планираното слетување, авионот исчезнал од радарот на Скопскиот аеродром.
Остатоците од паднатиот авион беа пронајдени во атарот на селото Кожле на оддалеченост од помалку од 20 километри од аеродромот.