РАЗЛИКИ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ во Кинотека

Сподели

Од проектот под мотото РАЗЛИКИТЕ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ, во Кинотеката на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков ГОЛЕМАТА ВОДА (The Great Water / Uji i madh), снимен во 2004 година. Во рамките на овој нов концепт, ќе се одбележи дваесетгодишнината од премиерата на ГОЛЕМАТА ВОДА, веднаш потоа, на 26 април ќе биде прикажан албанскиот игран филм ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД SИДОВИТЕ (Lulëkuqet mbi mure) од 1976 година во режија на Димитер Анагности (Dhimitër Anagnosti), и на 27 април, проектот ќе го заокружиме со 400 УДАРИ (Les quatre cents coups) на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.

Покрај многуте причини, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап. Но, исто така, битно е да се истакне и дека ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД SИДОВИТЕ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а ГОЛЕМАТА ВОДА оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот 400 УДАРИ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција.