Дваесет и третото издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, МКЦ и Кинотека на С. Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма. Програмата е свежа, географски разнобојна и возбудлива, можеби најсилната во скорешната историја на OFFest.
Фестивалот ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: BOMBINO, еден од најзначајните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо. Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер група KUTU, ветува беспрекорно фестивалско доживување. VICENTE AMIGO се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Paco de Lucia. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес.
Последната вечер на OFFest ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет VOŁOSI со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем KALATA, како и познатиот српски world music колектив NAKED.
Во рамките на пред-фестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Cesaria Evora” и „Agadez, the Music and the Rebellion“.