Александер Чеферин, седми претседател на УЕФА: Луѓето ми веруваа и сакаа ново лице

Сподели

thumbs_b_c_d27d9507af9ec50981a4c10bbd03d59a

AТИНА (AA) – Новоизбраниот претседател на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, денес изјави дека европскиот фудбал се соочува со сериозни проблеми и најави поефикасно и потранспарентно водење на таа организација, јавува Anadolu Agency (AA).

Со 42 гласа од вкупно 55 национални сојузи на членки на УЕФА, Словенецот Чеферин денес е избран за седми претседател на таа организација на 12. Вонреден конгрес на УЕФА, кој е одржан во Атина. По изборот, на официјалната конференција за медиумите на УЕФА, Чеферин им се заблагодари на сите гласачи за укажаната поддршка.

„Одлуката да се кандидирам за челник на УЕФА беше моја лична, и јасно е дека луѓето беа согласни со мене и дека сакаа ново лице, промени на врвот на организацијата. Тоа го видовте со денешното гласање“, рече Чеферин, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија.

Истакнувајќи дека е потребно многу да се работи на ефикасноста и транспарентноста во раководењето со УЕФА, Чеферин рече дека прво ќе отиде во Нион и во седиштето на организацијата ќе ги запознае сите службеници, а потоа ќе направи мапа и план за работа.

На прашањето на новинарите да ги коментира наводите на некои кругови дека како „фудбалски анонимус“, со поддршка „зад сцената“ дошол на чело на УЕФА, тој кратко одговори дека тоа се тврдења на заговори на медиумските шпекулации и лаги, а дека никој не може зад сцена да собере 42 гласа поддршка.

„Можеби тоа звучи наивно, но луѓето едноставно ми веруваа, веруваат во моите идеи и во програмата. Прашајте ги нив зошто гласале“, порача Чеферин и додаде дека им е благодарен на сите оние што го поддржале, а особено на Фудбалскиот сојуз на Италија, кој цврсто стоеше зад неговата кампања.

Нагласувајќи дека УЕФА е голема организација и куќа на европскиот фудбал, Чеферин додаде дека во изминатиот период проблемот беше тоа што немаше добро раководство, а дека задача на новата управа ќе биде со дијалог и транспарентност ќе го врати угледот на таа организација.

„Многу проблеми го тиштат европскиот фудбал. Местењето резултати, расизмот, финансискиот фер плеј и многу нешта за решавање се пред нас“, рече челникот на УЕФА, Чеферин.

За личниот успех човек од толку мала земја да биде претседател на Европска фудбалска федерација, Чеферин рече дека луѓето од малите држави се способни, но дека мораат да имаат повеќе самодоверба и дека можат да изградат важни улоги во меѓународните организации.

На прашањето да ги коментира грешките на одредени големи светски медиуми, кои наместо Словенија неговата земја ја нарекувале Словачка, Чеферин истакна дека тоа го забележал и додаде дека со работењето, на светот ќе му ја покаже Словенија и нејзиното место на картата на Европа и на светот.