СЈО: Обвиненија против Груевски и Јанакиески за насилствата во Центар

Сподели

gruevski-janakieski-en

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи денеска на прес-конференција ги презентираше првите две обвиненија на СЈО, едното за уништување документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а второто за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Иако Фетаи не го соопшти идентитетот на обвинетите, а не беа наведени ниту иницијали, сепак извесно е дека во второто, првообвинети се поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорот и врски, Миле Јанакиески. Ова произлегува од прислушуваниот разговор на кој се повика и обвинителката за време на презенттацијата на обвинението.

– Се работи за разговор од телефонска комуникација меѓу двајца припадници на извршната власт, кој е направен на 1 јуни 2013 година во 20.50 часот и трае 4 минути и 4 секунди. Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општината Центар, на која како точки на дневен ред биле ставени запирања на неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и оној за Мал Ринг. Првообвинетиот во месец јуни побарал, а второобвинетиот прифатил и преку трето, четврто и петтообвинетиот ги поттикнале членовите на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот на Општина Центар и советниците во Општината од спротивниот политички табор – рече Фетаи, додавајќи дека мотивите за ова кај првообвинетиот се од лукративна природа, заради заштита на бизнис-интересите.

Дел од овој разговор меѓу Груевски и Јанакиески можеше да се слушне во 23. „бомба“, што лани ја објави СДСМ, а ја презентираше претседателот на Општинскиот одбор на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Груевски: Ќе падне на уставен тоа, а?
Јанакиески: Сто посто… Е, сега…
Груевски: Јас си мислам, покрај тоа што на уставен ќе падне, у петок он да изеде едно пет-шест шамари пред камери… Да влезат граѓани и еден граѓанин да дојде, да му удри три шамари, јаки, и да си искочи…
Јанакиески: Може да договориме сценарио. мислам, ја планирав овие нашиве да излегуваат да протестираат…
Груевски: Ама, не го збори ова на никој!
Јанакиески: Не, добро.
Груевски: Оти, ако се расчуе, џабе, ќе знае и ќе спречи.
Јанакиески: Значи, ептен, онака, значи, тоа е исто како мали Џокица замислува нешто, си прави одлука и си пишува шо сака во одлуката.
Груевски: Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме.
Јанакиески: Добро, ги имам материјалите…
Груевски: У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме, да размислиме дали еден да стане и едно три-четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само…
Јанакиески: А… Добро е советниците да прават тие како за буџетот шо прават…
Груевски: Како?
Јанакиески: Нашиве советници да прават како тие што правеа за буџетот. Да излегуваат, да викаат спротивно на закон, не си ти устав да цениш, кој си ти устав да цениш…
Груевски: Да, да… Ќе му ја скршиме седница…
Јанакиески: Тоа е.
Груевски: Нема да може да одржи една седница…
Јанакиески: Важи, ќе го спремам и Мартин…
Груевски: Aли, да имаме со аргументи, да ја напумпаме атмосферата дека праи фалш за после тоа да има оправдување за тој чекор.
Јанакиески: Важи, ќе ги спремам јас, ќе се слушнам со Мартин… Ги имам сите аргументи…
Груевски: Ај.
Јанакиески: Важи, поздрав.

meta.mk