МОТ: СЛУЧАЈОТ ХАРМС

Сподели

41-mot-photo_case-harms-7

26.09. 2016, Театар Комедија

„Случајот Хармс“ зборува за животот на рускиот авангарден писател Данил Хармс, кој бил прогласен за антисоветски непријател, а неговите дела биле забранети сѐ до неговата рехабилитација во 1956 година. Тој се смета за авангардна икона на дисидентството, исклученоста и уметничката слобода, автор што поради противењето на доктрината и авторитарноста на сталинизмот бил прогласен за луд и починал во затворската болница во Ленинград на 37 години. Хармс станува познат во Европа и светот речиси половина век по неговата смрт.
Се работи за една современа театарска претствата, којашто изобилува со силна колективна актерска игра водена од самиот Хармс, толкуван од актерот Илија Илијоски. Режисерскиот пристап на Мустафиќ овој пат носи современа сценска естетика, којашто ги вметнува сите театарски медиуми во една претстава – актерската игра, музиката, кореографијата, акробатиката и дизјанот, па сѐ до слоевитоста на хармсовиот текст, кој токму затоа што излегувал од литературните форми и конвенции, инсистира и бара едно длабоко интелектуално понирање во материјалот што се обработува. Така, покрај актерските креациии, во претставата се испреплетени и песни од поезијата на Хармс, создадени од композиторот Оливер Јосифовски.
Како што нагласува Мустафиќ, во неговата имагинација и апстрактност, Хармс е близок на денешното време и иако од денешна перспектива е класик, сѐ уште се луцидни неговите литературни импулси. „Тој е универзален писател зашто може да го играте на кој било меридијан на светот и во неговите описи, слики и хумор ќе ја препознавате сопствената отуѓеност или некој вид сопствена внатрешна миграција, кога светот станува страшно вулгарен, примитивен и идеологизиран,“ вели босанскиот режисер.

Режисер/Director:
Dino Mustafić