Гаши: Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес

Сподели

Претседателот Гаши се обрати на настанот Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес – Презентација на акциски планови за заеднички регионален пазар и Зелена агенда, каде тој ја потенцира важноста од ееценијата од почетокот на оваа иницијатива.

Ми претставува чест и задоволство можноста што ја имаме денеска – во Собранието на РС Македонија да дискутираме за прогресот на нашата земја во рамки на Берлинскиот процес. И тоа во период кога се заокружува една деценија од почетокот на оваа иницијатива, која во изминатите години значеше голем придонес за зајакнување на врските меѓу земјите од регионот на Западен Балкан. Како и за засилување на нивните потенцијали на патот кон полноправното членство во ЕУ. Реализацијата на оваа платформа, поттикната и поддржана од нашите европски партнери, донесе низа придобивки за земјите од Западен Балкан и за регионот во целина. Посебно во клучните области – економија, политика и безбедност, социјална заштита и екологија, за што говорат повеќе мониторинг извештаи.

Шесте држави од Западен Балкан (Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) имаат една заедничка цел, а тоа е полноправното членство во ЕУ. Тоа е крајната дестинација кон која се движиме – секој по своја, а, сепак, низ слична траекторија. Соочувајќи се притоа секој со свои, но и со заеднички предизвици… И на тој пат осознаваме дека прво на домашен терен, во нашето соседство и во потесното опкружување, треба да градиме и негуваме европски вредности и критериуми. Дека прво треба да соработуваме со нашите соседи и заедно да работиме на подигање на стандардите за живот во нашите држави, за да обезбедиме влезница за поширокото ЕУ – семејство.

Во тој контекст, Берлинскиот процес во изминатата деценија одигра мошне важна улога како двигател на регионалната соработка и забрзувач на интегративните процеси. Инклузивниот формат на овој процес се наметна како катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување – насочени кон помирување, безбедност, раст, вработувања и развој. Во рамки на процесот и како резултат на меѓусебната соработка, постигнати се значајни исчекори и во делот на заедничкиот регионален пазар и дигитализацијата, како и во зелената агенда и декарбонизацијата. Зборувајќи за сите овие реформски процеси, не можеме да ја одминеме улогата на парламентите, како носители на законодавната власт и како мост меѓу извршната власт и граѓаните.

Парламентарната димензија е од клучно значење за обезбедување демократска контрола, транспарентност и отчетност во спроведувањето на проектите што произлегуваат од Берлинскиот процес. Парламентите во сите шест држави од Берлинскиот процес се вистинските места за дискусија за заедничките предизвици и за можните решенија. За надградување на билатералната и регионалната соработка, за вклучување на граѓанското општество во процесите, за промоција на агендата за интеграција и за афирмација на придобивките и на важноста од пристапувањето во ЕУ. Во изминатата деценија, се нотирани повеќе успеси, постигнати договори и конкретни проекти во различни сфери во рамки на Берлинскиот процес.

Но, дополнителна вредност во таа насока треба да биде унапредувањето на парламентарната соработка на регионално ниво, вклучително и соработката со пратениците од Европскиот парламент и од националните парламенти на земјите членки на ЕУ. Со тоа ќе се придонесе за размена на идеи и искуства и за подигање на квалитетот на законските решенија што произлегуваат од склучените договори, како и за зајакнување на надзорната улога на пратениците при спроведувањето на донесените закони.