Изложба „Мостови на уметноста: Вевчани-Белград“

Сподели

Во галеријата „O3one“ во Белград, утре, со почеток во 19 часот, ќе биде свечено отворена изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани-Белград“, во организација на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Оваа изложба се одржува по повод 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и има за цел натамошно да го акцентира културното поврзување помеѓу Македонија и државите од регионот.

Изложбата ќе ја отворат Министерот за култура и туризам на Република Македонија, Зоран Љутков, и Министерот за култура на Србија Никола Селаковиќ кои ќе ги поздрават присутните гости како и дипломатскиот кор во таа држава.

– На изложбата ќе бидат претставени уметнички дела на повеќе од 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз ќе го доловат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја врзува уметноста во овие две држави. Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и амбасадите на двете држави. Со оваа културна манифестација се оддава почит на македонската уметност и се гради платформа за понатамошна соработка и размена на идеи помеѓу уметниците од регионот, информираат организаторите.

Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 15 години прерасна во значајна културна манифестација на која учество зеле повеќе од 200 ликовни имиња кои поттикнуваат креативност, соработка и културна размена на народите.