Во Националната галерија, објект Чифте амам, утре (19 ноември) во 13:00 часот ќе се одржи симпозиум на Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија.
Симпозиумот ќе го отвори претседателката на АИКА Македонија, д-р Ана Франговска, со воведно излагање, а потоа годинашниот добитник на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“, Илија Прокопиев, ќе го презентира истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“.
Организаторот информира дека главниот дел од ова издание на симпозиумот ќе се осврне на темата: „Предадена или (оп)круж(е)на маса? Потрага по моделот: ’Жива слика‘ [tableau vivant] или гласот на критиката?“, конципирана и координирана од д-р Натали Рајчиновска Павлеска,член на АИКА Македонија.
„Оваа тема го истакнува развојот на пејзажот на уметничката критика генерално, па и кај нас, и поканува богат дијалог за нејзината цел, модели и идни насоки“, информираат од Здружението на ликовните критичари АИКА Македонија. Оттаму додаваат дека свои излагања на темата, покрај координаторот, ќе имаат и: Викторија Васева Димеска, д-р Мелентие Пандиловски и Маја Чанкуловска-Михајловска.
Симпузиумот се организира со поддршка од Министерството за култура и туризам.