Се подготвува Платформа за следење на фемицидите

Сподели

Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вчера се одржа експертска дебата на тема „Презентација на нацрт методологија за воспоставување на платформа за следење на фемицид во Северна Македонија“, како продолжение на активностите за подигнување на свеста на заедницата за насилството врз жените и девојчињата.

Авторки на нацрт методологијата за платформата за следење на убиствата и обидите за убиства на жените и девојките се Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Институциите ќе мора  соодветно да одговорат кога ќе почнат да се спроведуваат активностите предвидени со методологијата. Кога Хелсиншкиот комитет ги истражувал околностите во случаите на фемициди се откривало дека постоеле пропусти од страна на надлежните институции. Најчесто се случувало жртвата да пријавува насилство пред да се случи фемицидот, но не биле преземани дејствија таа жртва да се заштити. Особено во руралните средини тие случаи се занемарувале, сметатајќи ги за приватна работа. Жената се остава да страда, да биде подложена на насилство и на крајот се случува убиство. Имало случаи сторителот да поседува оружје, а институциите не ги презеле сите мерки и дејствија што им стојат на располагање.

„Оваа методологија претставува насока за воспоставување на стандардизиран пристап во случаите, а бидејќи платформата ќе биде достапна за јавноста, ќе придонесе за подигање на свеста, евентуалните жртви ќе имаат информација што треба да прават“, посочи Пировска.

Во воведот на дебатата, Умер Ал-Кхатиб, шеф на Одделот за човекова дименција во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, говорејќи за важноста на следењето на фемицидите во Република Северна Македонија, изрази надеж дека експертите ќе дизајнираат платформа што ќе биде од суштинско значење за борбата против убиствата на жените што ќе се одрази врз целото општество. Тој истакна дека од суштинско значење ќе биде сеопфатната методологија за намалувањето на бројот на фемициди. Првата фаза ќе опфаќа собирање на податоци, а сериозен предизвик ќе биде и правната квалификација на родово базираните убиства и обиди за убиства. Клучен фактор за успешност на оваа платформа ќе биде отчетноста на институциите и партнерството.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи  Сашо Петрушевски, рече дека фемицидите не се изолирани инциденти тоа е системски проблем, длабоко вкоренет во нееднаквоста и патријархалните вредности. Рече дека е потребна едукација, подигање на свеста, построги закони и нивно спроведување, како и заедничка акција на сите институции. „Ако молчиме ние сме соучесници“, рече тој.

Презентирајќи ја методологијата Пировска подвлече дека во целиот процес на воспоставување на платформата  мора да бидат вклучени и институциите и да имаат политичка волја и желба таа да се спроведе. Без учествто на Министерствата за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и другите надлежни оваа платформа нема да успее. Методологијата предвидува формирање на работно тело во кое ќе има претставници од овие институции и од граѓански организации.

Димушевска ги образложи појдовните точки за методологијата како што се меѓународното законодавство, извештаите на ГРЕВИО, дефинирањето на фемицидот, одредувањето на видовите на фемицид што зависи дали убиството било сторено од родово базиран мотив или субјективен мотив и другите елементи на методолошката рамка.

Со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Платформата за следење на фемицидите во Република Северна Македонија ќе почне да работи од 2025 година и  ќе биде клучна алатка за собирање податоци,  истражувања и анализи. Таа ќе ја зајакне соработката помеѓу владините институции, граѓанското општество и меѓународните партнери.