Електронските здравствени картички, за џабе потрошени милиони.
Огромниот проект за електронските картички имаше цел да ги замени постојните здравствени книшки со електронски картички што би функционирале со посебен електронски систем, меѓутоа тоа не се случи и проектот пропадна.
Електронските картички веќе неколку години се користат само наместо сини картони, а Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) неколкупати ги има пречекорено роковите за изработка и за издавање на картичките, но не е развиен ниту електронски систем преку кој сите тие би биле поврзани.
Првично, проектот за електронските здравствени картички беше промовиран од министерот за здравство Бујар Османи, во 2008 година, и според планот требаше да бидат издадени 2,3 милиони здравствени картички, кои буџетот ќе го чинеа 7,5 милиони евра. Во недостиг од нови информации, кои Фондот ги премолчува, до јуни 2016 година се издадени 1.650.000 картички.
Ако обработката на една здравствена картичка чини 3,2 евра, како што тогаш информираа од Фондот, досега се потрошени 5,28 милиони евра од државниот буџет за нефункционални картички?
Пациентите во болница одат со книшка и со сини картони, но и тие што имаат функционални картички, сепак со себе треба да ја носат здравствената книшка.
Граѓаните продолжуваат да се жалат дека платиле за џабе, бидејќи овие картички, во оваа форма, според нив, беа непотребни.