Една од најголемите глобални општествено-политички лаги, денеска, гласи дека „контрола на медиуми има само во тоталитарни држави и диктатури. Во демократските општества медиумите се мониторираат и саморегулираат. Таму постојат професионални и етички стандарди чие исполнување ги прави медиумите релевантни, релијабилни, нивното известување се базира на факти и вистина и имаат одговорност кон јавноста.“ Иако, безброј пати, оваа лага со вселенски размери е покажана и докажана како очигледна демагогија, иако е соголена и разобличена како ноторна фикција, иако, последниве години, сите ги слушнаа и видоа фактите кои Сноуден и Асанж им ги предочија на светот, иако, во нашиот случај преку т.н. „бомби“ разбравме кој и како ги уредува теливизиските вести и ја „регулира“ скоро сета новинарска „работа“, сепак оваа неолиберална флоскула, неуморно и непрестано, се блада како „религиозна вистина“, која сама по себе се подразбира и која никој не смее да ја доведува под прашање. Впрочем, дека јавниот медиумски простор е ѓубриште на кое се истураат купишта на смрдени лаги и вербални измами, илустративно е искажано од познатиот Вуди Ален кој вели: „Во Холивуд ѓубрето не се фрла. Од него се прави телевизиска програма.“
Денес на дело е своевиден општествен консезус по кој јазикот и писмото (текстот) не ја покажуваат смислата на реалноста, туку самите тие се на нејзино место, односно се смисла на самата реалност. Имено, денес медиумите, или попрецизно кажано пропагандата, произведува сопствена реалност, произведува виртуелна реалност која е пореална од самата стварност. Во овој наш свет владеат законите на симулација и инсценација! Нашата Македонија, на пример, преку медиумската владина агресија е трансформирана во поле за дејствување на рекламните агенции и новинарските платеници кои создаваат раскошен спектакл од реалната економска, социјална, политичка и културна беда.
Тука кај нас во Македонија, преку пропагандата се произведува онаа политичка „реалност“ која се темели на зборови и слики, „реалност“ составена од непрегледна низа на лаги, измами и фикции, „реалност“ која мнозинството го носи во комплетна заблуда. Всушност, кај нас стварноста е своевидена изрежирана игра и претстава, а не реалност во која моралот, правото, хуманизмот и принципите имаат значење и вредност. Фактички, многупати, видовме дека не постои неповолна ситуација за владеачите која со медиумско-пропагадно дефокусирање не може да се забошоти, ниту постои толку минорен „успех“ кој не може да се велича до „ѕвездите“. Тоа што сите здраворазумски и неидиотизирани граѓани кои ги слушаат таквите очигледни лаги и измами, се чувствуваат како комплетни будали, воопшто не им смета на „продавачите на магла“, затоа што постојат многу од оние кои или немаат грам мозок за да ја сфатат измамата, или „сакаат“ да бидат излажани оти се корумпирани.
Сосема е очигледна денешната медиумска конструкција на Македонија како престојувалиште на еден клаустофобичен етнички идентитет, на една слика на загрозената македонска нација од внатре и надвор. Македонија, најчесто, преку пропагадната владина машинерија, се прикажува како самостилизирана фигура на недолжен објект на агресија на регионалните и глобалните сили, а македонскиот народ и македонската држава како објекти врз кои константно се организираат комплоти и завери. Владеачкиот националшовинистички јавен дискурс ја хомогенизира портокаловата политичка заедница и има доминантно влијание врз сите области од политичкиот, социјалниот, па дури и индивидуалниот живот. Всушност, македонската реалност е одраз на владеењето на портокаловите пропагандни идеи, зборови и слики, или поинаку кажано, национализмот и неговата пропаганда се конструктори на нашата реалност.
Добро е секогаш да се има предвид, дека на оваа наша медиумска депонија од лаги, клевети, денунцијации и халуцинации, најдобро се снаоѓаат медиумските јуришници и националистичките лажговци и измамници, затскриени зад разни организации со национален предзнак (во чии имиња, освен македонски и Македонија, ги има зборовите „манифест“, „одбрана“, „патриотизам“…) Затоа, во оваа медиумска „македонска војна против сиот свет и домашните предавници“, улогата на креатори на клаустофобичниот македонски национализам им е доделен на грст потпросечни и анонимни интелектуалци, на неколкумина самопрогласени новинари и неколку газди на медиуми. Сите тие катадневно креираат параноична слика на стварноста во која портокаловиот режим се претвора во „спасоносна судбина и иднина“. Затоа, на крај, сите мора да се свесни дека оздравувањето на нацијата не може да се случи доколку масовното и патолошко производство на лаги и измами не се прекине.