ТВ НОВА: Диме Спасов тврди дека сè било „местенка“ со закани и со вперени пиштоли

Сподели

dime-spasov-slika-nova-860x680

„Бидејќи чекав транспарентна и чесна истрага од страна на МВР, решив дури сега да се обратам на јавноста за случајот кој сметам дека е класична местенка од страна на опозицијата. Извештајот на министерството повеќе личи на партиски отколку на полициски извештај. СДСМ го злоупотреби МВР за да направи смислено сценарио и криминална полициска местенка за да се наштети на мојот углед и на мојата чест“, изјави Диме Спасов во ексклузивно интервју на ТВ “Нова”“ и притоа додаде дека му било многу тешко бидејќи бил сведок на местенки на негова сметка.

Според неговите изјави во интервјуто, турбулентната вечер на Диме Спасов почнала околу 23 часот. Тој тврди дека тргнал од градскиот стадион „Филип Втори“ кон улицата Илинденска, потоа свртел лево кај Зоолошката градина и прописно чекал да се вклучи зелено светло. Додека чекал на семафорот, како што појасни Спасов, непознато лице се приближило до неговото возило и се обидело да ја отвори вратата од службениот „туарег“, заканувајќи му се на дополнителниот заменик-министер по неговиот живот.

Потоа, како што рече Спасов, бидејќи се почувствувал загрозен, продолжил да вози, ги поминал семафорите и застанал кај фабриката „Треска“. Кога тргнал, рече Спасов, забележал дека лицето влегло во возило и продолжило да го следи. Лицето застанало исто така кај фабриката „Треска“, каде што застанал и Спасов, но, според неговите изјави, овојпат до возилото се приближиле две лица и повторно му се заканувале по животот и се обиделе да ги отворат вратите на „туарегот“.

– Бидејќи почувствував опасност, се одлучив да возам и да побегнам и свртев лево на булеварот Теодосиј Гологанов. Кај „Веро 2“, бидејќи влегов во тесна уличка, дојде до контакт со друго возило додека се разминувавме. Се извинувам на госпоѓата што го управуваше возилото и ветувам дека ќе ја надоместам штетата – раскажа Спасов во интервјуто.

Поради тоа што Спасов бил гонет, како што изјави, застанал кај Агенцијата за катастар, а потоа таму се паркирале и две возила. Едното, наводно, било управувано од лицата што го следеле, а од другото возило излегле две вооружени лица со пиштоли. Како што објасни Спасов во интервјуто, тој бил турнат на „туарегот“ и во него биле вперени пиштоли.

– Се обидов да разговарам со лицата, но потоа стигна полициско возило. Напаѓачите се повлекоа, но се собраа повеќе лица од кои повеќето беа неуниформирани и дел од нив ми се закануваа. Бидејќи заклучив дека станува збор за местенка, го напуштив местото на настанот – заклучи Диме Спасов.

meta.mk