Се топи разликата, но ВМРО-ДПМНЕ сè уште води пред СДСМ, покажа анкетата на „Телма“

Сподели

nacionalno_nivo

Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 3,9 отсто во корист на владејачката партија, покажа анкетата што ја нарача телевизија „Телма“, а ја спроведоа Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и МЦМС, преку агенцијата „М проспект“. Истата анкета, кај албанскиот блок констатирала 3,3 отсто во полза на ДУИ, во однос на ДПА.

Новата анкета, која е направена според изборни единици и на национално ниво покажува намалување на разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, која во споредба со претходната анкета на „Телма“ е намалена за 0,9 отсто.

Според новото истражување, доколку утре се одржат избори, 23,3 отсто од гласачите би гласале за ВМРО­ ДПМНЕ, 19,4 отсто за СДСМ, 6,6 отсто за ДУИ, 3,3 отсто за ДПА, 2,7 отсто за Беса, 2,5 отсто за Коалиција ВМРО за Македонија, 1,9 отсто за Коалиција Алијанса за Албанците , 1,2 отсто за Левица, 0,9 отсто за Коалиција за промени и правда и 0,1 отсто за Либерална партија. Од анкетираните, високи 15,1 отсто се изјасниле како неопределени, 17,6 отсто одбиле да се изјаснат, а 5,5 отсто не се изјасниле за ниту една партија.

Гледано според изборни единици, СДСМ има предност од 2,3 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единици, односно 24,2 отсто од анкетираните од ИЕ 1 би гласале за Коалиција на СДСМ, 21,9 отсто за Коалицијата предводена од ВМРО­ДПМНЕ, 7,6 отсто за ДУИ, 5 отсто за Беса, 3,6 отсто за Левица, 3 отсто за Коалиција ВМРО за Македонија, 3 отсто за Алијанса за Албанците, 2,6 за ДПА и 1,7 отсто за Коалиција за промени и правда. Либерална партија не се појавува во овој примерок. Од оваа изборна единица, 13,9 отсто од анкетираните не сакале да кажат за кого ќе гласат, 16,2 изјавиле дека сè уште не одлучиле, а 5 отсто се изјасниле дека не поддржуваат ниту една партија.

Во втората или скопско – кумановската изборна единица, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и бега на СДСМ за 1,4 отсто, односно 19,3 отсто се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, 17,9 за СДСМ, 8,1 отсто за ДУИ, 4,1 отсто за ДПА, 2,6 отсто за БЕСА, 1,7 отсто за Коалиција Алијанса за Албанците. По 1,7 отсто поддршка имаат и Коалиција за промени и правда и Коалиција ВМРО за Македонија, додека за ЛП би гласале 0,3 отсто од анкетираните. Левица не е присутна во одговорите. Сепак, во ИЕ2 е најголем бројот на анкетирани кои одбиле да кажат за кого гласаат, односно 22,3 отсто. Според анкетата, 13,2 отсто сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат, а 5,4 отсто нема да гласаат за ниту една партија.

Во ИЕ3, ВМРО-ДПМНЕ убедливо води пред својот политички опонент – СДСМ со 9,5 отсто. Така, доколку утре се гласа ВМРО-­ДПМНЕ би добил 35,6 отсто од гласовите, СДСМ 26,1 отсто, а за Коалицијата ВМРО за Македонија 5,3  отсто од  гласовите. Неопределени во оваа изборна единица се 9,9 отсто од анкетираните, а 14,9 отсто одбиле да се изјаснат за кого ќе гласаат. Слично како и во претходните две изборни единици, тука 5,3 отсто одговориле дека нема да гласаат за ниту една партија.

Во таканаречената лидерска, односно ИЕ 4, каде носители на листите се лидерите на ВМРО­ДПМНЕ, Никола Груевски и на СДСМ, Зоран Заев анкетата покажува дека владејачката коалиција има водство од 2,3 отсто, односно дека 28,3 отсто се изјасниле за Коалицијата која ја предводи Никола Груевски, а 26 отсто за Коалицијата предводена од Заев.  За Коалицијата ВМРО за Македонија би гласале 2,7 отсто, а за Коалицијата за промени и правда, како и Левица би добиле по 0,7 отсто од гласовите. Според резултатите, 21 отсто одбиле да кажат за кого ќе гласаат, а 15 отсто сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат.

Во охридско – битолско – струшки регион, односно во ИЕ5 за ВМРО­-ДМНЕ се изјасниле 29,5 отсто, за СДСМ 8 процентни поени помалку, односно 21,5 отсто, за ДУИ се одредиле 6,7 отсто. Коалицијата Алијанса на Албанците и движењето Беса имаат по 1,3 отсто , додека за ДПА се изјасниле 1 отсто. Сепак, 17,8 отсто во оваа изборна единица одбиле да кажат за кого ќе гласаат, 2,4 отсто сè уште не одлучиле, а 6 отсто не се изјасниле за ниту една партија.

Во шестата изборна единица, каде силите ќе ги одмерат лидерите на политичките партии од албанскиот блок, убедливо води ДУИ. Според анкетата најмногу гласови ќе однесе ДУИ, односно 18.9 отсто од гласовите, ДПА и БЕСА би освоиле по 10 отсто, додека за Алијансата за иднината на Албанците ќе гласаат 4,3 отсто.

Од партиите од македонскиот блок ВМРО-ДПМНЕ има за 3,3 отсто поголема поддршка од СДСМ, односно поддршка добиле од 8 отсто, додека СДСМ од 5,3 отсто. Коалицијата за промени и правда има поддршка кај 3 отсто. Во ИЕ6 сепак има голем број неодлучни, односно 20,3 отсто , но и 16,9 отсто кои одбиле да кажат за кого ќе гласаат. Како и во другите изборни единици, и тука 5 отсто нема да гласаат за ниту една партија.

meta.mk