Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на протестот пред ДИК објави проглас кој произлегол од седница на Извршниот комитет на партијата.
„ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Имаме информации за вмешување на некои странски претставници со цел влијание на некои од членовите на ДИК“, рече Груевски.
Тој апелираше да нема притисоци врз Управниот суд, и најави дека ако овој суд одлучи како и ДИК, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување.
– Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори, но некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика мора да престанат да го прават тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешните прашања на земјата. Го напуштаме форматот на состаноци со други политички партии со претставници на други држави – рече Груевски.
Тој најави дека, ќе се борел за „десороизација“ на Македонија и јакнење на ширење на невладиниот сектор. Најави дека ќе се регулирало финансирањето на невладиниот сектор.