Ако Вељаноски не сака, тогаш Мухиќ треба да го свика новото Собрание

Сподели

Доколку претседателот во заминување на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, од некоја причина одбие да го свика новиот собраниски состав, тогаш таа чест ќе му припадне на највозрасниот избран пратеник, а во случајот тоа е универзитетскиот професор, 73-годишниот Ферид Мухиќ, од коалицијата предводена од СДСМ.

Имено, откако Управниот суд ја уважи тужбата на СДСМ и го поништи гласањето на избиричкото место 2011 во Теарце, на 25 декември, со одлука на Државната изборна комисија (ДИК), треба да има прегласување на ова гласачко место.

На почетокот на неделава, лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти дека извршниот комитет на партијата донел одлука, меѓу другото, и да не учествува и да не ги признае резултатите од евентуалното прегласување.

Сепак, по прегласувањето, ДИК треба да излезе со конечните резултати од предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде најверојатно на средината од следната недела. На 31 декември, пак, треба да биде свикано новото собрание, односно најдоцна 20 дена од одржаните избори, кои во случајот беа на 11 декември.

Според членот 63 од Уставот, „конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав“ (Трајко Вељаноски, н.з.), а „доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, што во конкретниот случај би било на првиот ден од новата година.

Членот 9 од Деловникот на Собранието, околу свикувањето на конститутивната седница вели дека доколку првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник“, односно, во конкретниот случај, професорот Ферид Мухиќ.

„Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, сè до избраниот пратеник што ќе се согласи да ја свика првата седница“, се додава во ставот 1 од членот 9 на Деловникот на Собранието.