Пресудата на Европскиот суд на правдата од Стразбур дека новинарите незаконски биле избркани од галеријата за следење на собраниски седници во декември 2012 година, е потврда дека прекршувањето на правото на слобода на изразување во Македонија не е повеќе прашање на перцепција, туку е ноторен факт утврден од релевантен европски суд, сметаат од Здружението на новинари на Македонија.
„Верувам дека институциите во Македонија ќе извлечат поука и во иднина нема да ги попречуваат новинарите во нивната работа. Тие мора да сфатат дека во демократското општество институциите имаат обврска да создаваат поповолни услови за непречена работа на новинарите“, рече Насер Селамни, претседател на ЗНМ, кој заедно со уште пет новинари тужеше во Стразбур.
Тој рече дека Здружението на новинарите нема да остави оваа пресуда да се заборави за една недела, туку дека ќе биде важна алатка во рацете на новинарите во идните разговори со институциите кои ќе треба да воспостават механизми да им обезбедат нормални услови за работа на новинарите.
Планира во следниот период да се разговара со сите релевантни институции околу нивниот став по ова прашање, без оглед на тоа што во Македонија во моментот нема Влада, но има избрано Собрание, а таму постојат пратенички групи кои треба да заземат став.