Во знак на протест поради нападот врз колегите од порталот А1он, но и заради континуираните вербални напади врз сите новинарски екипи, Либертас, Плусинфо, Мета, А1ОН и повеќето медиуми, нема да известуваат за денешните протести, ниту во Скопје, ниту од другите градови.
-Доколку на протестите се случат насилства и нови напади, за тие настани ќе ја известиме јавноста, но говорите и пораките од протестите целосно ќе ги игнорираме, објавуваат медиумите.
-Истовремено сакаме да ги повикаме учесниците, а особено Министерството за внатрешни работи, Владата и организаторите на протестите, да ја преземат и да ја прифатат одговорноста за досегашните и за сите идни инциденти. Укажуваме дека во ваква ситуација нема место за алиби-изјави од типот „не може да гарантира мир“, кои само ги потврдуваат заканите за неистомислениците и ја потпалуваат атмосферата.