Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска се сретна со високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик – претседател на Европската комисија Федерика Могерини со која разговараше за актуелната политичка состојба во државата.
Иванов, како што јавува неговиот Кабинет, оцени, дека со статус- кво состојбата во европската интеграција, на Република Македонија, и е попречено правото на просперитет и се овозможува зголемено влијание на други меѓународни актери.
– ЕУ не смее да дозволи ова да продолжи и треба конечно да го идентификува Балканот за еден од нејзините највисоки приоритети. ЕУ треба да преземе итни чекори и да го зајакне интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен, истакна Иванов.
Во однос на последната негова одлука, Претседателот Иванов рече дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата.
„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава”, рече Претседателот Иванов.
Македонскиот претседател посочи на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот”, рече македонскиот претседател. Тој истакна дека ова може да биде негативен преседан што во иднина може да биде употребен и од други држави.
Високата претставничка на ЕУ, се вели во соопштението, истакна дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на претседателот во соочувањето со политичките предизвици.
Могерини посочи дека ги разбира правниот и политичкиот аспект, релевантни за надминување на политичката состојба и истакна дека е подготвена да помогне моменталната политичка криза да не прерасне во меѓуетничка, па дури и во геополитичка криза. Могерини изрази верување дека политичките фактори во Република Македонија можат да најдат излез од состојбата.