Сите млади на возраст од 16 до 26 години кои имаат идеја, предлог или решение за предизвиците во заедницата можат да поттикнат општествена промена преку учество на натпреварот „Ослободи ја идејата“, што по трет пат го организира здружението Младите можат.
Теми на овогодинешната иницијатива, како што информираат организаторите, се образование и култура, развој на граѓанско општество, толеранција и недискриминација, младински политики и граѓански права, животна средина, миграции и вработување. Сите заинтересирани може да пријават тим од 3 до 5 млади најдоцна до 5 април.
По истекувањето на рокот за пријавување, петте тимови со најрелевантна, најиновативна и најизводлива идеја ќе добијат поддршка за развој на идејата преку остварување менторски средби и консултации. На крајот на месец април тимовите ќе имаат можност јавно да ја презентираат својата идеја пред жири-комисија.
Победничкиот тим ќе добие поддршка од Младите можат за имплементирање на иницијативата и награда за целиот тим. Иницијативата „Ослободи ја идејата“ е поддржана од Амбасадата на САД во Република Македонија.